Следната недела во Влада ќе се одржи тематска седница на која ќе бидат презентирани сите анализи направени околу новиот Клинички центар, проблемите со Клиничката болница во Штип и рационализацијата, односно консолидација на здравствените установи во нашата држава, најави денеска министерот за здравство Беким Сали.

Во одговор на новинарско прашање, Сали вели дека очекува Владата да даде овластување на Министерството за здравство да продолжи со втората етапа во делот на финансирање, односно организирање на најдобар начин на се тоа што е сработено во период од осум месеци.

На прашањето кога ќе почне изградбата на новиот Клинички, министерот вели дека тоа ќе се случи кога Владата ќе одлучи дека тоа е најдобар начин да се изгради на одредено место и со најдобар модел за финансирање.

Знаете дека поминуваме низ еден период којшто е критичен од аспект на економската криза и моментално финансирање на каков било проект е многу поскапо, отколку кога беше пред две години. Се работи интензивно на еден модел којшто ќе биде се надевам уникатен за нашата држава, знаејќи дека ние како Влада не сме спремни да се кредитираме некаде, опозицијата бара државата да не се задолжува повеќе. Мислам дека имаме едно решение кое што би требало прво да се промовира пред Владата, а потоа да се објави во јавноста, додаде министерот за здравство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.