Во ерата на дигитализација и исклучително брзиот пренос на вести и информации, глобален предизвик е справувањето со постојниот наплив на непотврдени информации и дезинформации. Точните и навремени информации се клучни за заштита на здравјето на децата како и на целокупната популација. Изминатиот период поради ковид-19 здравствениот систем се соочи со бројни предизвици, меѓу кои и одржување на високиот опфат со редовни вакцини согласно календарот за имунизација, паралелно со тоа постигнување што е можно поголем опфат за вакцинација против Ковид-19,
Ова го истакна министерот за здравство Беким Сали на денешната конференција посветена на стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините. Конференцијата е осврт на досегашните активност и на Македонскиот институт за медиуми, во партнерство со УНИЦЕФ и со здравствените власти, а со поддршка на УСАИД, за поставување систем за управување со погрешни информации и поддршка за квалитетно медиумско известување за вакцинацијата против Ковид-19 и редовната вакцинација на децата.
Нашата тенденција е да не дозволиме да се наруши долгогодишната традиција на успешна имунизација, имајќи предвид дека навремената заштита е клучна особено за новороденчињата и децата од предучилишна возраст, порача министерот Сали.
На настанот свое обраќање имаше и заменик-претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов кој посочи дека речиси 30 проценти од родителите во земјава ги сметаат информациите за вакцините како контрадикторни и збунувачки.
Пред три години уживавме во високите стапки за вакцинација што беа до 95 проценти, а сега се враќаме назад за повторно да го постигнеме тој прогрес. Оттаму, ние мора да најдеме начин да ги слушнеме и грижите на родителите и соодветно да одговориме на нивните дилеми, вели Ајвазов.
Министерот Сали вели дека за жал потврдуваат дека дезинформациите и погрешните перцепции имаат потенцијал да ја намалат довербата во однос на имунизација како и воопшто во здравствениот систем.
Иако на глобално ниво се преземаат мерки за адресирање на дезинформациите на околу вакцинацијата, сепак станува збор за феномен што не се решава во краток рок, заклучи Сали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.