Новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, денеска даде заклетва пред Советот на јавни обвинители, а потоа во просториите на обвинителство ја презеде функцијата од Вилма Русковска.

На примопредавањето на функцијата Абази и Русковска дискутирале за досегашната работа на обвинителството и работата која претстои.

За нејзината понатамошна кариера, пак, Русковска на новинарите им рече дека не размислува во овој момент за тоа со оглед дека има здравствени проблеми и треба да прави операција.

Видовте како одам. Морам прво тоа да го средам и треба да одам на преглед, додека не се оперирам јас не размислувам за тоа што ќе правам понатаму. Ова ми е приоритет. Советот на ЈО што ќе одлучи јас не знам, рече Русковска.

Ислам Абази доаѓа на местото на Русковска откако на непосредните избори на 7 ноември, кои беа организирани според новиот Закон за јавно обвинителство, освои 66 гласа или само два повеќе од скопскиот обвинител Ермон Незири.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.