Рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин вели дека нема опасност од прелевање на руско-украинската криза во регионот на Западен Балкан и дека Македонија не треба да стравува за својата безбедност.

Русија се однесува кон Македонија како што се однесувала отсекогаш: со еднаквост, взаемно почитување и водење сметка за меѓусебните интереси, рече Баздникин вечерва во интервју за Сител.

Амбасадорот рече и дека е невозможно кризата да се прошири во Западен Балкан, бидејќи дејствијата се одвиваат во Украина. Притоа ја обвини меѓународната заедница велејќи дека „напумпувањето на Украина со оружје е директна закана за безбедноста на Европа вклучително и на Западен Балкан”.

Тоа оружје може да падне, како што рече, во раце на терористи и разни криминални групи од регионов и да биде искористено за нивни цели.

Баздникин нагласи дека изготвената листа на „непријателски земји“ на официјален Кремљ е реакција на односот на тие земји кон Русија.

Кон Русија досега се преземени 5.530 рестриктивни мерки кон кои, за жал, се приклучи и македонската влада. Испорака на оружје од ваша страна го оценивме како неоправдан ризик по безбедноста на руските војници. Медицинската опрема е сосема друга приказна, но наша појдовна точка беше владиното соопштение, нагласи рускиот амбасадор во земјава.

Тој истакна дека побарал и средба со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, но, како што рече, до седми март немал никаков контакт.

Имаме воспоставено меѓусебни дипломатски односи и ние сме за зачестени контакти. Во секое време сум подготвен да се сретнам со челниците во земјава и да ја објаснам руската страна за ситуацијата во Украина, порача Баздникин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.