Очигледно е дека се работи за некоја спрега на криминал и политика и очигледно е дека јас како пратеник во Собранието на Република Македонија, моите ставови, моите активности му пречат. Нема никој ниту да ме поколеба, ниту да ме уплаши во она што сум го зацртал, во моментот гледате се зборува за отворање на Уставот, кажав јасно и гласно и тогаш и по цена на мојот живот нема да го сменувам мојот став, сега уште помалку, рече прилепскиот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, на кому ноќеска, околу два часот по полноќ, пред семејниот дом му е опожарено возилото, а делумно и возилото на неговиот татко.

Како што изјави Ристески, настанот се случил околу 1:45 часот по полноќ кога целото седумчлено семјество било дома. Истрчале по дојава од соседите и се слушнала експлозија.

Кога излегов, возилото, „шкода кодиак“ беше во пламен. Веднаш ја повикавме противпожарната екипа. Зафатено беше и возилото на мојот татко, двете се непосредно пред семејната куќа. Брзата интервенција на противпожарната екипа не дозволи пожарот да ја зафати куќата. А имаше реална можност, зашто од пожарот зафатено беше дрвото. За мене ова е атак на мојот живот, на моето семејство. Сличен случај се случува вторпат. Пред четири години ми беше опожарена викенд куќата. Очигледно, по мојот впечатлив говор во Парламентот во петокот, некому му пречи тоа и доколку во текот на денот не се расчисти случајот, ќе сметам дека е директен напад кон мене и моето семејство, изјави Ристески.

Ристески вели дека немал досега никакви закани од никого, ниту пак со некого бил замерен. Смета дека на некого му пречи неговата политичка активност, а особено во оваа ситуација и го повика министерот за внатрешни Оливер Спасовски и премиерот Димитар Ковачевски итно да реагирале и да бил пронајден сторителот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.