Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја отвори Годишната конференција на УМС, пред младите во Македонската филхармнонија не изостави да зборува економската криза. Мицкоски потсети дека земјава е рекордер по инфлација и рекордер по индексот на мизерија.
Како да се платат сметките, шоковите со цените по продавниците, маките со бизнисите, и тешките деловни односи се работите што го мачат општеството. На сметка на ова, Владата зборува за висока политика, симнува ѕвезди од небото, вергла како на расипана лента исти фрази, исти зборови за некаква иднина што не доаѓа. Најголемиот оцрнувач на евроинтегративните процеси е Владата и најголемиот непријател на имиџот на прозападните партнери е токму Владата која во состојба на отсуство на реформи за кои треба часови и часови работа, ги супституира со понизност и лесна рака за потпишување на сè и сешто што ќе побараат од неа, нема апетит на држава околу нас кој не го задоволија на штета на нашите интереси, додека потоа имаат полна уста за ЕУ правејќи криминал и криејќи белосветски пробисвети кои се на црните листи на западните земји, рече Мицкоски.
Тој зборуваше за, како што ги нарече димните бомби кон опозицијата, кои се пуштаат да се одвлече вниманието од вистинските теми важни за народот. Тој рече дека поразувачки е што главниот протест на младите во во Македонија е за оброк кој владата им го зема од уста, додека младите во Берлин, Лондон, Париз протестираат за широки општествени теми, за повеќе права, повеќе слобода за своите врсници од Блискиот Исток или за повеќе развој и технологија.
Нашата влада им го одзема и онака сиромашниот оброк од јајце и зденка, додека младите врсници од Берлин, Лондон, Париз се борат за технолошки развој и иновации.
Зборуваше и за функционерите паразити кои земаат илјадници евра плата, не работат ништо, а ги уживаат сите придобивки од државата и вети дека на паразитите и на тајните имоти мора да им дојде крајот.
Во првите месеци по преземањето на власта ќе донесеме нов закон за испитување на потеклото на имотите многу поригорозен од постојните решенија, како и усогласување на платите во зависност на сложеноста на работата, а не во зависност на позицијата на која се наоѓаат при водењето на институцијата. Плата по учинок. Тие што работат треба да бидат платени, а тие другите треба да знаат дека нема заработка без пот и заслуга. А оние тајни имоти нечесно стекнати во годините на криминал, истите ќе бидат одземени и вратени во буџетот, на народот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.