Големи суми кои оделе за плата кај раководните лица на спортски федерации, невоспоставени внатрешни контролни механизми, неизградени критериуми за објективна и праведна финансиска поддршка и неуредно документирање на дел од трошоците се дел од бројните забелешки за Агенцијата за млади и спорт (АМС) кои ги утврдил Државниот завод за ревизија.
Во нивната ревизија изразено е неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските активности на АМС за 2021 година, а како најголем проблем се издвојува начинот на кој Агенцијата префрла пари на националните спортски федерации (НСФ).
АМС не воспоставила соодветни внатрешни контроли кои треба да го обезбедат наменското и законското користење на средствата кои се трансферираат на НСФ за реализација на нивните активности. Во врска со распределбата на средства до НСФ, АМС не изградила соодветни критериуми со кои ќе се обезбеди систем на објективна, пропорционална и праведна финансиска поддршка на НСФ согласно краткорочни и долгорочни приоритетни активности, а склучените договори со НСФ не содржат одредби со кои ќе се допрецизира намената на одобрените средства. Слични слабости се констатирани и во делот на средствата кои се исплатени за поддршка на млади и талентирани спортисти “Спортска надеж” како и за распределбата на средства по издадените ваучери за спорт, се наведува во делот од забелешките на ревизорите.
Дополнително при ревизијата било утврдено дека дел од финансиските извештаи за средствата кои биле префрлени на НСФ не содржеле целосна документација, а дел од документацијата за патувања на спортисти во странство била неуредна или целосно недостасувала. Утврдено било и дека дел од НСФ исплатиле прекумерен износ на пари на раководните лица во федерациите, а вршен е и трансфер на средствата од наменските сметки на федерациите кон спортски клубови без соодветна документација за реализираниот трошок.
Кај две НСФ исплатен е износ за плати за две лица во вкупен годишен износ од 2 милиони и 552 илјади денари, или 54%, односно 56% од вкупниот износ доделен од АМС. Кај една НСФ утврдивме повеќекратни исплати во висина од вкупно 300 илјади денари на едно лице – генерален секретар на НСФ, како и дополнителни 100 илјади денари на други четири лица, без објаснување за критериумите врз основа на што е определен износот, како и работниот ангажман кој е извршен, стои во ревизорскиот извештај.
Невоспоставените ограничувања за висината на средства кои НСФ имаат право да ја исплаќаат за плати и надоместоци на раководните лица во федерациите создаваат можност од несоодветна распределба што може да има влијание на реализација на тековните спортски активности, предупредуваат ревизорите.
Ревизијата дополнително утврдила и значително доцнење во градењето на 6 објекти на кои работи АМС, додавајќи дека тоа претставува неизвесност за идно завршување на овие објекти.
Меѓу клучните препораки кои Државниот завод за ревизија ги доставил до АМС се воспоставување соодветни критериуми за распределба на средства до НФС и спортистите, воспоставување ефикасни внатрешни контроли на трансферираните средства до НФС и да се испитаат сите можности за целосно и квалитетно завршување на капиталните проекти во реални временски периоди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.