Вишата обвинителка Фатиме Фетаи се повлекува од трката за шеф на Вишото скопско обвинителство, дознава „Фокус“.

Претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски посочиl дека примиле имејл со известување за повлекување на кандидатурата на обвинителката Фетаи, но сепак посочи дека ќе мора да се слушне со обвинителката за да ја потврди веродостојноста на информацијата, односно да се утврди со сигурност дека таа го испратила известувањето.

Изборот за шеф на вишото обвинителство требаше да се случи во понеделникот, но се одложи за следниот понеделник, односно за 21 ноември. Официјалната причина за одложувањето беше дека на членовите на Советот на јавните обвинители им било потребно уште време да ги разгледаат досиејата и оценките на кандидатите, но неофицијално сепак се шпекулираше дека членовите не можат да се усогласат, односно имало отстапувања од првичниот план за кого да гласаат.

Веќе подолго време се шпекулира дека на чело на ова обвинителство повторно ќе застане актуелниот шеф, односно Мустафа Хајрулахи, кој се очекуваше да добие и втор мандат. Но, по откажаната седница во понеделникот се создаде впечаток дека сепак во игра влегува и обвинителката Фетаи. Како трет кандидат пак е пријавен вишиот обвинител Бурим Рустем.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.