Поради зголемено загадување на воздухот, од саботата стапија во сила препораките и мерките за надминување на прагот на алармирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, а од вчера и во Гостивар. Одлуката за стапување во сила на мерките и препораките ја донесе Владата по информации добиени од Министерството за животна средина и просторно планирање, откако на мерните места во овие градови во текот на два последователни дена беше надмината вредоста на ПМ10 честичките од 150 микрограми на метар кубен.

Согласно оваа Одлука, Владата ги информира надлежните институции и соодветните локални самоуправи дека е потребно да постапат согласно заклучоците од 40-та владина седница одржана на 28 ноември 2017 година, според кои, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство им препорачува на сите правни субјекти да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, како и да го реорганизираат работното време и лица на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.

Исто така, се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, здравствените дом и единиците за локална самоуправа, треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да даде поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Од Владата информираат дека согласно заклучоците, Министерството за здравство треба да ја ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина) за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа, се до незино завршување и една недела по тоа.

Државниот инспекторат за животна средина, пак, треба да почне со вршење зачестена контрола на инсталациите што поседуваат А–ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови и мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање треба да подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А–ИСКЗ дозвола за намалување на капацитетот на производство до 50 отсто, при што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Според владините заклучоци, единиците на локална самоуправа се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на советите на општините.

Истовремено, Владата ги задолжува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја намалат до 50 проценти употребата на службените возила и се препорачува ограничување на работите на градежните објекти до престанок на важење на препораките и мерките.

Министерството за животна средина и просторно планирање во саботата информира дека на мерното место во Скопје во Центар во четвртокот се измерени концентрации на ПМ10 честички од 160,34 микрограми на кубен метар, а во петокот 248,51 микрограми на кубен метар, а во Лисиче во четвртокот 189,94 микрограми на кубен метар, додека во петокот – 259,01 микрограми на кубен метар. Во Кичево се измерени концентрации на загадувачки честички од 178,04 микрограми на кубен метар во четвртокот и 171.13 микрограми на кубен метар во петокот, во Кавадарци 155,28 микрограми на кубен метар (четврток) и 154,80 микрограми на кубен метар (петок), а во Струмица 188,51 микрограми на кубен метар (четврток) и 244,12 микрограми на кубен метар (петок). Во Гостивар, пак, во петокот се измерени ПМ 10 честички од 182,02 микрограми на кубен метар, а во саботата од 168,65 микрограми на кубен метар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.