„Четиринаесет изгубени животи, вистината да излезе на виделина“, „Четири несреќи, 97 загинати, 0 осудени“, „Правдата е лажна вест во оваа држава“. Ова беа дел од пораките на транспартените со кои повеќе граѓани денеска го искажаа својот револт поради, како што рекоа, незадоволената правда во трагедијата што се случи во тетовската модуларна болница пред две години, а во која животите ги загубија четиринаесет луѓе.
Насобраните граѓани, меѓу кои и роднини на загинатите, својот револт го искажаа пред зградата на тетовското Основно јавно обвинителство и Основниот суд, пред кои видливо беше засиленото полициско обезбедување.
Од Иницијативата „За подобро Тетово“, која е еден организаторите на протестот, побараа одговорност од надлежните затоа што, како што рекоа, нема соодветни казни за трагедијата во Тетово и другите случаи во кои граѓани на земјава ги загубија животите.
„За пет години имаме четири трагедии, 97 жртви и нула дена затвор. Затоа довербата во правосудниот систем на оваа држава е нула. Животите на граѓаните станаа заложници на пазарења и тендери без критериуми. Се виде дека корупцијата убива. Се докажа дека Обвинителството и Судот се бранители на злосторничко здружување кое ја држи државата во заложништво“, истакна Елмедина Абдулахи, активистка од иницијативата „За подобро Тетово“ пренесува МИА.
Од Иницијативата побараа итно разрешување на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и на другите обвинители кои работеле на истрагата за трагедијата.
„Бараме разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовески и тој заедно со другите обвинители да одговараат кривично. Бараме да се судат и казнат вистинските виновници, вклучително и политичарите кои спротивно на законот го доделија тендерот за изградба на фирмата ‘Брако’. Нема правда, нема мир“, порача Абдулахи.
Граѓаните присутни на протестот ги залепија и оставија транспарентите и паролите на оградата од Судот.
Денешниот протест во Тетово доаѓа по документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) насловен „Убиство во Тетово“, кој во неделата се емитуваше на Националната телевизија МТВ и кој предизвика жестоки реакции во јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.