Министерството за здравство попладнево информира дека министерот Беким Сали денеска го разрешил од функцијата организацискиот директор на Универзитетската клиника за детски болести, Аљајдин Мемеди.

„Организацискиот директор на оваа Клиника се разрешува од функцијата пред истекот на времето за кое е именуван, поради утврдени нерегуларности во извештајот од извршената контрола на работењето на оваа Клиника. Контролата е спроведена од Фондот за здравствено осигурување“, се вели во соопштението од МЗ.

Меритон Чивули, шефот на кабинет на министерот за здравство Беким Сали е уште еден раководител во здравството кој денеска бил разрешен од функцијата, потврдил за „Фокус“ министерот, без официјално да ги каже причините за разрешувањето.

„Фокус“ пред неколку месеци објави дека сега веќе поранешниот шеф на кабинет на дел од директорите на болниците им праќал списоци со имиња и презимиња на вработени Албанци, кои требало да се стават на раководни позиции во дел од болниците, бидејќи според него, имало премалку раководители- Албанци во Клиничкиот центар.

„Многу низок е опфатот на Албанци на раководни позиции во болницата“, гласела една од пораките.

Претходно денеска, на барање на министерот Сали, оставки од функциите поднесоа директорите на Детската клиника, д-р Аспазија Софијанова и на Клиниката за онкологија, д-р Нино Васев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.