Комисијата за европски прашања денеска ја продолжува својата работа по однос на дневниот ред кој вчера експресно беше изгласан, а на кој на дневен ред ставени се предлог измените на законите поврзани со договорот со Бехтел и Енка, и кои од владата добија европско знаменце.
Бидејќи станува збор за закони на кои им се става приоритет расправата ќе трае два дена без разлика колку амандмани ќе бидат поднесени.
Опозицијата која не учествуваше за време на гласањето најави кривични пријави за кршење на процедурите, злоупотреба на европското знаменце и наметнување на спикерската воља над правото.
На вчерашната седница пратениците реагираа и зошто на предложените измени не се потпишани министри, туку заменици, а на некои од нив и воопшто нема потписи.
Образложението зошто се продолжува работната недела, исто така го даде заменик. Потребата за измени на законите беше изгласана со 62 гласа „за“.
На носењето на законите со европско знаменце претходно реагираше и евроамбасадорот Дејвид Гир кој рече дека ваквата пракса загрижува бидејќи како што посочи системот на европско знаменце се користи за усогласување на домашната легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Додаде дека во однос на законите поврзани со коридорите 8 и 10д нема усогласување со европските стандарди.
ВМРО ДПМНЕ ќе упати писмо до Европската комисија, амбасадите и до сите институции за да предупреди дека со криминален тендер ќе почне изградбата на коридорите осум и десет д, и дека се работи за криминално трошење стотици милиони евра за аванси и пенали. Мицкоски се сомнева дека тие се злоупотребени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.