Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, летото 2019, во Ниш бил на состанок заедно со Предраг Колувија, кому сега во Србија му се суди за нелегално одгледување марихуана, и со Зоран Стојковиќ, директорот на српската воена разузнавачка служба (ВОА).
Ова денеска го oбјави БИРН Србија по увид во документ од истрагата позната како „Јовањица“.
Српската полиција го уапси Колувија неколку месеци по овој состанок, во ноември 2019 година, под сомнеж дека, наместо индустриски коноп, нелегално одгледувал марихуана на плантажата „Јовањица“.
Предраг Колувија, сѐ до апсењето, беше еден од сопствениците на две фирми во Македонија за легално производство на канабис за медицински цели. Бргу по притворањето, македонските власти ѝ ја одзедоа лиценцата на фирмата „ТХЦ Квалити груп“, која веќе произведуваше марихуана близу македонското село Росоман.
Образложението беше дека фирмата не водела евиденција за секое стебло канабис, што е строга законска обврска.
Новинарите на БИРН Србија имале увид во документ во кој пишувало дека на состанокот во нишката кафеана „Мрак“ бил „шефот на кабинетот на премиерот на Македонија, Драги“, меѓутоа, и покрај тоа што пишувало „шефот на кабинетот на премиерот“, БИРН Србија во нивниот текст, според нивните извори, тврди дека, всушност, станува збор за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
„Од документот не е јасно која била целта на разговорот во таверната лоцирана на периферијата на Ниш, но се наведува дека била многу важна средба“, пишува БИРН Србија.
„Од документот не е јасно која била целта на разговорот во таверната лоцирана на периферијата на Ниш, но се наведува дека била многу важна средба“, пишува БИРН Србија
Рашковски, во разговор со БИРН Македонија, беше јасен дека не сака да зборува со новинари, освен за актуелното обвинение против него околу контроверзната набавка на софтвер.
Колувија имал повеќе партнери во Македонија со кои легално одгледувал марихуана за медицински цели. Од сите партнери, сепак, најмногу внимание привлекуваат струмичаните Александар Пиперевалиев и Горан Крстев.
ВМРО-ДПМНЕ го поврзуваше Пиперевалиев токму со Рашковски.
Обвинувајќи за непотизам при доделување тендер, партијата тврдеше дека Рашковски и Пиперевалиев се роднини, односно нивните мајки биле сестри. Рашковски тогаш реагираше дека неговата мајка нема сестра, меѓутоа децидно не демантираше дека има роднински врски со Пиперевалиев.
Колувија, во моментот кога го апсела полицијата, бил на пат за Македонија да аплицира за почесен конзул на нашата држава во Србија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.