Во регионот нема друг пат на соочување со предизвиците и тешкотиите – од климатските промени до конвенционалните војни, освен соработката, создавањето нови синергии и адаптирање со една состојба каде сите ние во регионот сме многу мали, а имаме многу да направиме едни со други, изјави албанскиот премиер Еди Рама на заедничката владина седница во Скопје.

-Денес нашите две земји го отворија процесот на преговори и фактички направија голем исчекор напред. На 6 декември во Тирана ќе се одржи Самит на ЕУ со Западен Балкан и ние ќе бидеме таму заедно. Верувам дека таму ќе направиме исчекор повеќе, со цел Унијата да не вклучи повеќе во сите напори за да се организираме во пресрет на високите цени на електрична енергија и инфлацијата. Од друга страна да изградиме заеднички план што ќе ни даде можност да гледаме подалеку од оваа фаза што е многу тешка, тмурна и која мораме да ја надминеме, рече Рама.

Албанскиот премиер оцени дека не мора да очекуваме крај на војната за да проектираме иднина, а од овој аспект, додаде тој, Албанија и Македонија направија подотовки обидувајќи се да се проектираат во иднината, од аспект на Западен Балкан, како наш регион и ЕУ како наша дестинација.

-Верувам дека Отворен Балкан ни даде нови можности да гледаме подалеку во однос на вчера за да разбереме како можеме да ја надминеме денешнината и истовремено да проектираме иднина што максимално ќе ги зголеми способностите на нашите змеји да се здобијат со поголем простор, отколку што е нашиот простор географски сега, нагласи Рама.

Албанскиот премиер потсети на резултатите направени во рамки на Отворен Балкан и рече дека ќе продолжат да го поддржуваат Берлинскиот процес, бидејќи, како што кажа, тие две се поврзани една со друга.

-Дојдено е времето да се проектираме повеќе со поголема силина и со поголеми амбиции и после воениот период и на време да го добиеме максимумот денес, со способноста да се создаде поцелосна синергија во европската заедница. Без дискусија дека поддршката добиена од ЕУ за нашите буџети од аспект на соочување со кризата на цената на енергијата е една добра вест, но од друга страна, доколку имаме предвид дека тие фондови се реалоцирање на ИПА тогаш треба да бидеме уште поамбициозни, оцени албанскиот премиер во обраќањето на заедничката владина седница во Скопје.

Премиерот Димитар Ковачевски и македонската владина делегација претходно официјално ги пречекаа Рама и албанската владина делегација пред платото на Владата, со највисоки државни и воени почести.

По официјалниот пречек, премиерите Ковачевски и Рама, имаа тет-а-тет средба, по што во тек е меѓувладината седница на која ќе има и дискусија помеѓу владините делегации на двете држави.

На денешната седница ќе бидат потпишани договори и меморандуми помеѓу министрите на двете држави, кои се однесуваат на зацврстување на соработката во повеќе сегменти.

По завршувањето на меѓувладината седница, премиерите Ковачевски и Рама ќе одржат заедничка прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.