Стевче Јакимовски, градоначалникот на скопската општина Карпош вчеравечер во гостување на поткаст-емисија, а коментирајќи го случајот со Општина Струмица, најави дека и Општина Карпош ќе се приклучи на најавите за напуштање на ЗЕЛС.

И јас ќе се придружам на Општина Струмица. И така одамна се спремам да ја напуштиме ЗЕЛС. Нека си прават таму партиска забава, рече Јакимовски.

Тој ја поучи и градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска, да го направи истото, оти градот бил  главен финасиер на ЗЕЛС, а за возврат не добивал ништо.

Во овие повлекувања, нога повлече општина Струмица, од каде најавија дека ќе ја напуштат Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС).

Ова на својот фејсбук-профил го објави градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, посочувајќи дека денеска за ова ќе подготви и официјален допис, во кој ќе ја извести ЗЕЛС оти не ја заслужува партиципацијата на градот со кој раководи.

Го напуштаме ЗЕЛС. Со огромна грижа кон народот на моја Струмица, со целата одговорност, обиди за соработка, партнерски однос, доволно е. Филозофија без прагма, штета за која ја плаќаат граѓаните, напиша Костадинов.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера информираа дека водата од струмичкиот водоснабдителен систем и натаму е забранета за пиење, иако градоначалникот Костадин Костадинов тврди дека таа е исправна и во хемиско-физичкиот состав и микробиолошки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.