Нови методи и интервенции првпат воведени во јавно-здравствениот систем – повторно воведување едукации во реномирани светски медицински центри, ова беше темата на првата академија за здравство од отворен тип која се одржа денес во Охрид.

Предавачи на оваа Академија беа врвни доктори специјалисти кои  учествувале во ваков тип интервенции- првпат воведени во нашиот здравствен систем на ниво на држава или регионално, и истата е организирана на нивна иницијатива и со поддршка на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Во фокусот на стручниот дел беа ставени областите кардиологија, кардиохирургија, анестезиологија, гинекологија и ортопедија. Оваа академија од отворен тип ја отворија градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и Гордана Лолеска од НВО “Ретко е да си редок” од Охрид, а присуствуваа здравствени работници од целиот регион и државата.

Искуствата кои на денешната Академија ги презентираа предавачите кои се врвни и докажани експерти во своите области како кардиологија, кардиохирургија, анестезиологија, ортопедија и гинекологија предизвика навистина голем интерес, а итна и неодложна е потребата од повторно активирање на едукациите во врвните светски медицински центри со цел да го зајакнеме нашиот здравствен систем од една страна, но и да ги задржиме и мотивираме овие експерти кои ги имаат совладано вакви методи и процедури да останат тука. Очекувам оваа Академија да прерасне во традиција, со вклучување што повеќе  области  потенцираше д-р Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој исто така се осврна и на економскиот аспект од функционирањето на здравствениот систем како и заминувањето на кадрите и одржување на инфраструкрурата. -На долги стази е финансиски неодржливо да имаме здравствен систем кој се финансира со 4.4 проценти од буџетот.Неопходно е ремоделирање на здравствениот систем, заклучи д-р Николов.

Градоначалникот на Охрид, градот домаќин на првата академија за здравство, д-р Кирил Пецаков очекува дека организирањето на Академијата за здравство ќе прерасне во една убава традиција и од година во година ќе претстои надградување.

Навистина претставува големо задоволство што како градоначалник на Охрид, но и како доктор имам можност да бидам присутен на „Првата академија за здравство“.  Особено Ви сум благодарен што за град каде да се одржува овој настан го избравте токму Охрид. Чувството да се биде помеѓу сите овие еминентни докторски имиња е повеќе од пријатно. Уверен сум дека сите говорници на оваа академија ќе успеат да ги пренесат нивните достигнувања во сферата во која работат, а со тоа ќе дадат придонес за понатамошно напредување на областа, посочи градоналалникот д-р Пецаков во своето обраќање, отворајќи го овој настан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.