Премиерот Димитар Ковачевски смета дека неговиот предлог да се провери имотната состојба на царинските службеници, ќе придонесе во зголемување на транспарентноста и општествениот кредибилитет на институцијата.

Проверката на имотната состојба, како што посочи, може да се направи преку интерни постапки и не значи ветинг.

 Мислам дека ако тоа се примени во Царина, ќе се зголеми нивната транспарентост, ќе добијат на тежина и на општествен кредибилитет, бидејќи ако некој нема што да крие, нема ни потреба да не поддржи еден таков процес – изјави денеска Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања.

Ковачевски вчера во одговор на новинарско прашање поврзано со барањата на вработените во Царинската управа и Управата за јавни приходи рече дека добро би било да се провери имотната состојба на вработените во овие две институции.

Во однос на ветингот, Ковачевски денеска рече дека е за ветинг со којшто ќе бидат опфатени сите општествени чинители и којшто, според него, треба да се направи по примерот на развиените земји.

Јас и мојата политичка партија сме за ветинг, но ветинг којшто ќе ги опфати сите општествени функционери и треба да се дефинира дали да бидат опфатени и други делови од општеството бидејќи со општествените ресурси не управуваат само избрани и именувани политичари, туку и луѓе кои на пример користат концесии, фреквенции – рече Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.