Професорот Борче Давитковски излезе со критики кон нивото на владеењето на правото во општеството, за што, како главна причина ја посочи отсуството на политика волја за надминување на состојбите.
– Сами се доведовме во таква ситуација. Немаше политичка волја да се направат вистински реформи во правосудниот систем, како во судството така и во обвинителството. Судскиот совет како рогови во вреќа, обвинителсткиот совет го нема никаде, непрепознатливи се, а тие треба да се контролор на третата власт. Пред се, она што е важно е да се разбере дека реформите се прават за подобрување на животот на граѓаните, ако тие ги почувствуваат бенефитите од нив, тогаш дури можеме да очекуваме влез во ЕУ, без тие стандардни нема влегување. И Уставот да го промениме, доколку нема политичка волја за реформи – нема успех, рече Давитковски за МИА.
Тој посочи дека во првите шест месеци новите власти треба да ги постават насоките како ќе се прават реформите во сите општествени сфери, за луѓето да имаат перцепција што ќе се случува и што да очекуваат.
– Претходната влада не ги донесе законите што беше предвидено да бидат донесени до 2023 година. Во септември ќе го добиеме најнегативниот извештај од ЕУ за реформите во јавниот сектор во последните 20 години. Она што е неопходно е целосно преиспитување на улогата на судскиот и на обвинителскиот совет, на Академијата за судии…Мора да заврши практиката лица без никакви искуство, само со политичко влијание и врски да стануваат судии, нагласи Давитковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.