Православните жоители на Дебар, иако се помалку по број, ги негуваат традициите наследени од нивните предци, поддржани од Свештената Бигорска Обител. Така ќе биде и за празникот Цветници, кој традиционално се одбележува во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која се наоѓа во горниот дел на градот.

Порано, овој божји храм беше преполн вечерта спроти и на денот Цветници. И сеге се очекува поголемо присуство и на дебрани кои сега живеат во други градови во земјава, како и Македонци од пограничните албански села.

Во недела, 9 април, со почеток во 8:30 часот во сечесниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар ќе биде отслужена Божествена Архиерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, информираше Миле Ангеловски, намесник на дебарската парохија.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во населбата Варош, изградена е во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во Македонија. Порано била главен соборен храм на Дебарското архиерејско намесништво и била седиште на Дебарската митрополија. Потврда за тоа е и фактот што и ден денес просторот до црквата дебрани го нарекуваат митрополија.

Според формата, таа претставува трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и иконостас со прекрасни икони од XIX век.

Неодамна, врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи, со што беше заштитен неговиот покрив од прокиснување, беа санирани извесни оштетувања во внатрешноста и исто така, од страна на Бигорското братство беше извршено целосно расчистување на црквата.

Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да ѝ направиме чест на Пресветата Владичица наша Богородица, заради оваа нејзина црква-паметник со големо историско и духовно значење. Благослов да присуствуваат на богослужбите имаат сите оние кои молитвено сакаат да го прослават големиот празник, подготвувајќи се за Страдалната седмица на нашиот возљубен Христос, велат од Бигорски.

Оттаму додаваат дека со благослов на владиката Партениј верниците ќе може да присуствуваат и на литургиите и бдението во Бигорски манастир во сабота на 8 април.

Откако ја завршивме душеполезната Четириесетница, Бигорската свештена Обител ги поканува верниците заедно да го прославиме Лазаревото Воскресение, како најава за светлото и славно Христово Воскресение, и Влегувањето на Господа Исус Христос во Ерусалим – Цветници, како најава за конечниот триумф на Живото над смртта, додаваат од манастирот.

По тој повод на Лазарева сабота во 6:30 часот ќе се одржат Утрена и Златоустова Литургија, додека истиот ден, вечерта со почеток во 19 часот ќе се отслужи бдение во чест на празникот Цветници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.