Штрајкот во образованието и во детската заштита продолжува откако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вчера го отфрли предлогот на Владата за зголемување на платите за 10 отсто.

Синдикалниот лидер Јаким Неделков по седницата на Советот најави дека штрајкот ќе продолжи сѐ додека не се постигнат договори со МОН и МТСП и додека не биде потпишана спогодба со која ќе бидат опфатени сите спорни прашања.

-Констатиравме дека заклучоците на Владата не водат кон решавање на несогласувањата помеѓу СОНК, МОН и МТСП односно со Владата. Овој став се темели врз огромниот број дискусии на членовите на Советот, каде што без исклучок се констатира дека со заклучоците на Владата се врши силен притисок врз штрајкувачите. Понудените 10 проценти зголемување на платите во градинките, основното и средното образование по ребалансот на буџетот се „бетонираат” со заклучокот на Владата и не се остава дополнителен простор за преговори по ова прашање. Членовите на СОНК со скоро 100-процентно изјаснување пред само неколку дена го отфрлија овој предлог. Овој процент на зголемување е дури и помал од предлогот на еден од синдикатите кој предлага, и веројатно ќе успее во тоа без ниту еден ден штрајк, да добие повисока понуда, односно 2.800 денари линеарно, истакна Неделков на прес-конференција.

Тој повика на интензивирање на преговорите со конструктивни предлози за да се усогласат ставовите. Советот на СОНК констатирал и дека „одредени министри се обидуваат упорно да ги заплашуваат штрајкувачите дека ќе им бидат скратени дневниците во деновите на штрајк” и тоа го смета за обид за спречување на штрајкот.

Од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика побараа СОНК уште еднаш да ја преиспита одлуката, да го стават штрајкот во мирување и да ги интензивираат преговорите и наместо личните во преден план да ги стават интересите на децата и учениците за пристап до образование. Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска порача дека на вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси.

-Не се работи за притисок, ниту за  каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор. Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат, рече Тренчевска.

Со соопштение по одлуката на Советот на СОНК, синоќа се огласи и МОН со став дека секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ги надомести. МОН ја поздрави иницијативата од СОНК за интензивирање на преговорите за зголемувањето на платите на наставниците но не и одлуката да се продолжи со штрајк. Според МОН, неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.