Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски приреди пригоден настан по повод завршување на мандатот на шефот на Делегацијата на ЕУ во МК – амбасадорот Дејвид Гир. На настанот, Муцунски, како што информираат од Министерството, истакнал дека главната цел на државата, останува да стане членка на Европската Унија што поскоро, и ги подвлече приоритетните задачи на надворешната политика, каде европската интеграција и остварување на полноправно членство, претставуваат врвен приоритет.

Навраќајќи се на долгиот период на нашиот ЕУ интегративен процес, Муцински истакна дека покажаната кооперативност и конструктивност од наша страна е препознатлив атрибут во водењето на процесот. Посебноста на нашето досие и искуството низ кое минуваме во пристапувањето кон ЕУ е посебен квалификатив, кој сметаме дека заслужува посебен третман и признание од земјите членки на ЕУ.

Муцунски, стои во соопшетението, се осврна и на други приоритети кои ги имаме пред нас во остварувањето на стратешките цели: забрзување на процесот на пристапување во ЕУ, зајакнување на односите со нашите стратешки партнери, активна регионална соработка, обновување на довербата во државните институции и започнување на бескомпромисна борба против корупцијата, со владеењето на правото како водечки принцип. Тој, исто така, се навратил на соработката со Европската Унија и Европската Комисија, при што истакна дека поддршката и експертизата на Унијата се од суштинско значење за реформите, стабилноста и просперитетот на земјата, потенцирајќи дека како држава, високо ја цениме помошта која што доаѓа од претставниците на земјите членки на ЕУ и на ЕК, а партнерството со ЕУ ќе продолжи да се развива со исто темпо и врз основа на споделените вредности и принципи.

Министерот, меѓу другото, ја нагласил улогата и активната работа на амбасадорот Гир во изминатите четири години, во период на големи предизвици и навистина тешки состојби, чии што последици ги почувствуваа сите земји, вклучително и граѓаните во нашата земја. Воедно, тој изрази благодарност за неговата работа и интензивната соработка, при што активниот и продуктивен пристап на амбасадор Гир, имаа огромен придонес во остварувањето на зацртаните цели, што дополнително остава силен печат во релациите со ЕУ и ЕК и во постигнување на извонредните перформанси на Делегацијата на ЕУ во МК, кои ќе останат трајно забележани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.