Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски зеде учество на годишниот самит на Генералниот Совет на Светската коморска федерација кој се одржува во Париз со фокус на утврдување на стратегијата за дејствување на коморите во наредните години втемелена на реалните потреби на бизнисите и глобалните економски предизвици.

На настанот свои презентации имаа највисоките претставници на истакнати комори организации како Џон Дентон, генерален секретар на Интернационалната стопанска комора и Николас Урибе претседател на Светската коморска федерација.

Дејствувањето на стопанските комори ќе биде во насока на градење на политики со пет приоритети на дејствување. Овозможување на функционирање на глобалната трговија е еден од приоритетите кон им е потребен на бизнисите. Акцент се става и на промовирање на пристап до правдата и владеење на правото, преку проширување на пристап до доверливо и непристрасно избегнување и решавање на спорови, подобрување на ефикасноста на арбитражатa и другите услуги за алтернативно решавање спорови. Како трет приоритет се акцентира исполнување на целите за глобална одржливост и климатска акција преку подобра хармонизација на националните политики. Приоритет треба да биде и обликување на дигитална економија преку олеснување на користењето на конзистентни интернационални стандарди и алатки, поставување на правна рамка за трговија со помалку документи, имплементација на инструменти за заштита од сајбер криминал. Петти приоритет на делувањето е зајакнување на мултилатералната соработка, преку обликување а ефикасен меѓународен одговор за големите економски предизвици.

На маргините на годишниот самит Ангелоски како единствен претставник на деловна мрежа од нашиот регион, оствари повеќе средби и состаноци со претставници на други комори, како и со Џон Дентон, генерален секретар на Интернационалната стопанска комора на кои се дискутираше за продлабочување и зајакнување на соработка.

Светската коморска федерација како тело на Интернационалната стопанска комора е единствен глобален форум кој ги обединува стопанските комори од целиот свет, делува на зајакнување на врските меѓу коморите, но го претставува и гласот на бизнис заедницата во најрелевантните светски организации како Организацијата на Обединети Нации ООН, Г20, Светската трговска организација, како и Европската банка за обнова и развој. Интернационалната стопанска комора е институционален претставник на повеќе од 45 милиони компании во над 100 земји со главна мисија  да се направи бизнисот да функционира непречено за секој деловен субјект, насекаде во светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.