На иницијатива на Одделот за јавна дипломатија во НАТО, претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши,  предводеше делегација од пратеници во работна посета на НАТО.

Како што информира Кабинетот на Гаши, во делегацијата беа координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Мицевски и Оливер Спасовски, заменик-координаторите на Вреди и ДУИ, Мерита Колчи-Коџаџику и Арбана Пашоли, пратеникот од ЗНАМ, Павле Арсоски, и шефот на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО, Драган Ковачки.

-На средбата со Борис Руге, заменик-генерален секретар на НАТО, претседателот Гаши, во светло на актуелните безбедносни предизвици, ја истакна посветеноста на Македонија во водење на политика и промовирање на атмосфера и на регионална стабилност. Како земја која не е членка на ЕУ, но е дел од Јужното крило на НАТО, земјава се залага за динамична и визионерска соработка за јакнење на одбранбената подготвеност за одговор кон сите реални закани од секаков вид (хибридна војна, борба против дезинформациите, отпорност кон малигни влијанија од трети земји и сл.) Беше разговарано и за единственото и суштинско партнерство со Европската Унија со цел да се зајакне нејзината стратешка комплементарност со НАТО, со особен акцент на сите земји членки и нивните парламенти кои треба да посветат особено внимание на Структурниот дијалог НАТО – ЕУ, се наведува во соопштението.

Соговорниците споделиле ставови „за одржување на моментумoт во односите НАТО – Украина преку доставување континуирана помош, на билатерална основа и преку Сеопфатен пакет за помош“.

-Истовремено, беше пренесен цврстиот став на Република Северна  Македонија и нејзиното Собрание за натамошна поддршка на Политиката на отворени врати и посветеноста на заложбите на НАТО, повторно усвоени и потврдени на Самитот во Вашингтон, за издвојување на +2 проценти од БДП за одбраната, информира Кабинетот на Гаши.

За време на работната посета на НАТО, биле реализирани брифинзи со Петр Лунак, заменик-шеф во Одделот за јавна диломатија, со Нина Сољан, шеф на Одделот за политички прашања и безбедносна политика, Никола де Сантис од Одделот за јавна дипломатија и со Ариела Виехе од Одделот за операции.

-На брифизните претседателот и делегацијата беа запознени со функционирањето на одделите, врската со земјите членки на НАТО, извршувањето на активностите на постојаните мисии, ангажманите на земјите членки во мировните и советодавните мисии во кризните региони и за степенот на подготвеноста во одговор на безбедносните предизвици, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.