Универзитетскиот професор Денис Прешова со еден подолг пост на Фејсбук ги објаснува според него сите апсурди искажани од министерот за надворешени работи Бујар Османи поврзани со пасошите. Денис посочува дека кој и да му ги дава овие правни совети на министерот му прави противуслуга зошто тие на никој начин не се поврзани со правни причини

Внимателно ја ислушав вчерашната изјава на министерот за надворешни работи, сега и официјално кандидат за претседател, особено поради тоа што имаше, според мене, прилично неуспешен обид да го оправда и аргументира своето противење кон измена на Законот за патни исправи. Изјавата е полна со контрадикторности, но уште побитно за мене, со целосно погрешни правни аргументи. Воедно во својата изјава тој вели дека „битно граѓанинот да не биде тој што на крај ќе трпи од овие прашања“. А што прават над 600 илјади наши граѓани без РСМ пасош? Не трпат? Дали можат да го остварат своето право на слободно движење? Дали не трпат штета по разни основи поради сиот овој хаос? Што правеа сите оние кои беа приморани под секакво достоинство да мрзнат пред „Пролече“ или со саати чекаа за да добијат пасош или друг документ? Одговорите се повеќе од јасни и очигледни, само се прашувам што може полошо од ова по нив. Не ми е јасно со кој образ министерот ќе излезе да ги бара гласовите на граѓаните во претседателската трка.

Но, да видиме кои се правните аргументи кои тој се обидува да ги искористи. Навистина не знам кој вака го советува министерот, но дефинитивно со своите совети му прави противуслуга бидејќи се остава впечаток дека причините за отпорот кон измена на законот не се поврзани со правни причини, со оглед на нивната штурост и нелогичност, туку тие може да се лоцираат на друго место, тесно-партиски интереси, лични амбиции, не само претседателски, или нешто слично. Но, да одиме по ред…

Прво, министерот не упатува на ниту еден аргумент од меѓународното право туку се повикува на аргументот кој е поврзан со националното право, со член 118 од Уставот, која одредба го утврдува статусот на меѓународните договори во домашниот правен поредок. Имено, оваа одредба регулира дека меѓународните договори кои се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Според министерот евентуален закон за измена на одредбата за важноста на патните исправи до 12.02.2024 година и продолжување на нивната важност ќе значи менување на меѓународниот договор, а со тоа кршење на член 118 од Уставот.

Постојат неколку причини и аргументи зошто ваквиот аргумент на министерот е тотално депласиран и директно упатува на целосно непознавање на нашето уставно право, но и на меѓународното договорно право.

Преспанскиот договор во релевантната одредба од член 1 став 10 не предвидува директно која ќе биде последицата од неисполнување на рокот и кој ќе ја утврдува неважноста на документите. Никаде не предвидува дека по некаков автоматизам ќе престанат да важат сите документи со РМ, а посебно не дека тоа ќе се однесува на трети држави бидејќи се работи за билатерален договор. Како за усогласувањето на документите, така и за нивната важност, потребно е посредство од домашни правни акти, односно имплементирање на обврските преку донесување на соодветни домашни правни прописи. Така, се изменија сите релевантни закони и подзаконските акти, вклучително и обрасците, за да се отпочне со усогласувањето, односно со издавање на РСМ документи. Сето ова ни укажува дека одредбата од Преспанскиот договор никако нема таканаречен само-извршен карактер и не може директно да се применува и сама по себе да предизвика правна последица без посредство на национален правен акт. Значи не може сама по себе да предизвикува последици во однос на важноста на документите. Дури и Грција треба да донесе соодветни акти за да не ја признае нивната важност, не може само на договорот да се повика. Дали имаше потреба во оваа смисла од донесување законска одредба со која ќе се ограничи важноста на пасошите особено кога државата се покажа како тотално неспособна? Апсолутно не! Дали со оваа одредба ние нешто менуваме во однос на почитување на рокот? Не, бидејќи тој не успеваме во целост да го испочитуваме, почнувајќи од 12.02.2024. Ние усогласивме дел од документите со новото име но, уште имаме важечки документи со РМ.

Заклучокот е дека ние со донесување или менување на оваа законска одредба за важноста на патните исправи никако не го менуваме Преспанскиот договор. Со или без оваа законска одредба обврската останува иста, рокот не е испочитуван, а државата би требало што побрзо да ја заврши меѓународната обврска. Она што ние го направивме со одредбата за престанување на важност е всушност ширење на дејството на договорот во делот на документите кон сите останати држави, иако договорот е билатерален, меѓу нас и Грција.

Грција има право да одговори со мерки кои таа ги смета за соодветни и доколку има интерес. Трети земји не се обврзани со Преспанскиот договор освен ако тие не дадат согласност за такво нешто. Од друга страна, треба да се знае дека неисполнувањето на рокот никако не може да претставува материјално или фундаментално прекршување на договорот во смисла на меѓународното договорно право и Виенската конвенција бидејќи како држава остануваме посветени на исполнување на обврската.

Како воопшто може да стане збор за прекршување на Уставот со продолжување на важноста на пасошите кога од една страна имаме одредба од договор која не е само-извршна, од друга страна го имаме член 27 од Уставот? Зарем не е кршење на Уставот тоа што на граѓаните ќе им се ускрати уставно загарантираната слобода на движење? Како е посоодветно граѓаните да ги заробите на територија на нивната држава кога веќе не сме го испочитувале рокот, со или без одредба за важност? Од гледна точка на внатрешниот правен поредок во хиерархијата на правни акти Уставот е на прво место, а потоа се меѓународните договори и законите. Дури и ова да не може да послужи како аргумент на меѓународен план, сепак почитувањето на човековите права е врвна вредност и принцип на меѓународното право, а слободата на движење е призната во сите меѓународни документи за човекови права. Ние секако не сме го исполниле рокот и затоа не гледам потреба дополнително да го кршиме Уставот и правата на граѓаните бидејќи тоа е преголема цена која граѓаните ја плаќаат за неспособноста на властите.

Второ, министерот јавно призна дека не го почитува законот во делот на важноста на патните исправи и дека нашите институции не постапуваат на ист начин во врска со една иста законска одредба. Поточно, нашата гранична полиција не ја прифаќа важноста на патните исправи, иако е прашања дали оневозможува враќање во државата со РМ пасош, додека МНР не ги известува другите држави за неважноста на патните исправи. Замислете, речиси сите останати држави во овој момент ја признаваат важноста на РМ пасошите ама не и нашата гранична полиција. Свесни за правата на лицата со наше државјанство кои престојуваат и живеат на нивна територија останатите држави не сакаат да бидат соучесници во кршењето на нивните човекови права. Трети држави повеќе се грижат за правата на нашите граѓани отколку нивната матична држава. Дали тоа значи дека и тие го прекршуваат Преспанскиот договор со тоа што ја прифаќаат важноста на РМ пасошите по 12.02.? Зарем конкретната одредба не предизвикува неважност на документите по автоматизам за сите, па и за трети држави? Нормално дека не! Објаснувањата од типот Германија ги признава за идентификација ама не дозволува патување со нив не држат вода бидејќи пасошот или е валиден или не е, не може да биде нешто измеѓу. Тоа значи дека Германија ја признава валидноста на пасошите и се уште немаме потврда дека не дозволува да се патува со истите. Така е во овој момент со сите ЕУ членки, освен Грција.

Трето, министерот вели дека реално пасошите се најрелевантни во смисла на Преспанскиот договор, додека останатите не толку. Дали е навистина така?

Техничкиот рок од Преспанскиот договор „се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата.“ Дали доколку имате РСМ пасош но не и возачка и сообраќајна дозвола можете да излезете со ваше возило од државата кон Грција, и да влезете во Грција? Не. Значи и другите документи се релевантни во смисла на Преспанскиот договор. Зошто инаку Грција би правела проблем ако ги немате сите овие документи со РСМ. Лична карта, иако главно има внатрешна употреба, сепак врз основа на меѓународни договори со истата може да се патува во регионот. Возачките дозволи, чија важност беше продолжена до 31.12.2024 година, се користат и меѓународно, додека меѓународната возачка дозвола ви важи само со важечка возачка дозвола. Сообраќајните дозволи исто така имаат меѓународна употреба. Значи аргументите на министерот се тотално нелогични во овој дел.

Јас навистина не можам да сфатам како овој народ е толку толерантен кон сето ова што се случува. Зарем не е јасно дека јавната реакција на граѓаните доведе до измена на Законот за безбедност во сообраќајот во делот на важноста на возачките дозволи. Веројатно сите се или зафатени како да се снајдат за пасошите, веројатно добар дел бркајќи разноразни врски, или имаат нови документи па баш им е гајле што се случува со другите бидејќи тие не биле „одговорни“ или „снаодливи“ како нив. Тешко нас со ваква граѓанска свест.

Имам уште за пишување, ама нека остане нешто и кога ќе се коментира за Уставниот суд и небулозите на претседателката, пишува Прешова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.