Со официјална пленарна сесија почна првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага каде учествува премиерот Димитар Ковачевски заедно со лидерите на ЕУ, на Западен Балкан, односно вкупно 44 шефови на влади и држави од европскиот континент. Како владина делегација на овој состанок присуствуваа и министрите за надворешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство Бујар Османи и Љупчо Николовски, информира владината прес-служба.
На пленарната сесија воведно поздравно обраќање имал чешкиот премиер Петр Фиала кој ја истакнал важноста на овој значаен собир каде, како што рекол прв пат шефовите на државите и владите од европскиот континент во пошироката смисла, зборуваат на рамноправна основа.
-Станува збор за политичка дискусија на високо ниво со цел да се воспостави соработка на земјите од Европскиот континент во услови на светски и геополитички превирања. Фокусот на Европската политичка заедница се трите најважни и во моментот поврзани прашања кои ги обединува сите земји, а тоа е војната во Украина, состојбата во енергетиката и економијата.
Беше нагласена важноста од солидарност со Украина и нејзиниот народ, како и зајакнувањето на рестриктивните мерки со цел да се зголеми притисокот врз Русија и да стави крај на војната, стои во соопштението од Влада.
Соработка и солидарноста низ Европа, додаваат од Владата, може да помогнат за да се придонесе во ублажување на последиците од светската енергетската криза настаната како резултат на воената агресија врз Украина.
Целта на средбата е да се делува заеднички со цел да се акцентира важноста од дијалогот за обезбедување мир и безбедност, како и заеднички решенија во однос на диверзификација на изворите за снабдување со енергенси.
Лидерите на земјите члени на ЕУ, потенцираа дека целта на Европската политичка заедница е да се даде на земјите аспиранти чувство на припадност кон европскиот клуб пред нивниот формален пристап во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.