Скандалозните предлог-измени на петте закони што Владата ги усвои на седница минатиот петок денеска стигнаа во Собранието. Станува збор за предлог-измени на Законот за работни односи, на Законот за експропријација, потоа Законот за урбанистичко планирање и за градење и на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола)
Како што веќе и најави првиот вицепремиер и координатор на проектот, Артан Груби, тие се со европско знаменце.
Сепак, во образложенијата на сите предложени измени на законите точката 5 насловена како: „Преглед на регулативи од други правни системи и усогласеноста на предлогот на Закон со правото на Европската Унија“ остана празна. Поточно, во неа не е наведено зошто има потреба од изменување на конкретните закони поради усогласување со законодавството на Европската Унија.
На овој момент се осврна и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој денеска беше на состанок во Стопанската комора на Македонија каде што, меѓу другото, станало збор и за изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Тој ги повика Делегацијата на Европската Унија во земјава и амбасадите на секоја земја-членка на Унијата поединечно уште денеска да излезат со став во врска со ставањето на предлог-измените во собраниска процедура, по скратена постапка, односно со европско знаменце. Доколку тоа не се случи, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, опозициската ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе отвори јавна дебата и во врска со ова прашање.
Додека траеше состанокот со Сојузот на стопански комори состојбата е изменета, односно не дека имаат намера туку дека законите се пристигнати во парламент со европско знаменце и јас денеска нема да го коментирам ова, ќе оставам од страна на Европската комисија, односно од Канцеларијата на Европската комисија тоа во текот на денешниот ден да биде искоментирано. Доколку тоа не се случи, тогаш од утре ќе отвориме јавна дебата и по тоа прашање, затоа што вересиите кои ги видовме во делот пет, кој вообичаено се користи за објаснување со кои делови од европската регулатива се усогласува овој закон, замислете, во овие предлози е празен, значи не стои таму во што се усогласува. Така ако до пред неколку минути имаа намера, еве сега сакам да ве информирам дека веќе се пристигнати законите со европско знаменце во парламентот и ја повикувам Канцеларијата на Европската комисија во Македонија, ги повикувам амбасадите на земјите од Европската Унија да се произнесат во текот на денешниот ден за ова што денеска го направи Владата на ДУИ и СДСМ, рече Мицкоски во изјава за медиумите во Стопанската комора на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.