За време на церемонијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев делегациите на претседателот на државата, на Собранието и на Владата, предводени од Стево Пендаровски, Горан Мисовски и Артан Груби пред црквата „Свети Спас“ беа пречекани со свирежи. Граѓаните насобрани пред црквата, кои се против заедничка прослава со Бугарија за одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, извикуваа „предавници“ во моментот кога поминуваше делегацијата од власта.
По заминувањето на претставниците на државатаа, свежо цвеќе на гробот на Делчев положи и делегација на раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски. Делегацијата на опозицијата пред црквата беше дочекана со овации.
Годинава, за првпат во историјата Македонија и Бугарија заеднички го одбележуваат раѓањето на македонскиот револуционер. Бугарска делегација која ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска ќе положи свежо цвеќе во 13 часот.
По настанот во изјава за медиумите претседателот Стево Пендаровски рече дека не знае дали постои во формална одлука за заедничко чествување, и рече дека не гледа проблем некој од соседите да покажува пиетет кон еден од камен темелниците на нашата државност.
Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на Историската комисија, меѓутоа не гледам проблем и да не е така. И пред да постои Историската комисија имавме заеднички чествувања на одредени настани и личности и без да има одлука на историската комисија сме правеле и во Бугарија и во Македонија на различни паметници. Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен темелниците на нашата државност, рече Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.