Министерството за надворешни работи прави напори да ги извлече тројцата македонски државјани кои се уште се во Газа. Станува збор за брачен пар и еден државјанин кој е дел од меѓународните хуманитарни организации во Газа, но тој не покажува интерес да ја напушти Газа, информира денеска ресорниот министер Бујар Османи.

Безбедносна проценка е на Израел, во Газа и во Египет кои луѓе можат да ја поминат границата, а кои не. Досега имавме дозвола да премине првото семејство на македонски граѓани кое е веќе во Скопје, работиме понатаму да ги убедиме за да може да излезе и брачниот пар. Има уште еден македонски државјанин кој е дел од меѓународните хуманитарни организации, но тој не покажува интерес да ја напушти Газа. Него го контактиравме, но нема интерес затоа што е дел од хуманитарни организации во Газа, рече Османи во одговор на новинарско прашање на денешниот брифинг во СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе се одржува Годишната конференција на ОБСЕ.

Нагласи дека моментално е стопирана процедурата за преминување на странски државјани од Газа во Египет.

Денеска добив информација дека е бомбардиран граничниот премин Рафа и привремено е затворен за преминување од двете страни. Затоа во моментов е стопирана целата процедура за странски државјани да можат да преминат од Газа во Египет, посочи Османи.

Потсети дека вчера се сретнал со првите македонски државјани што ја напуштија Газа –  брачниот пар и двете дечиња кои веќе се дојдени во Скопје.

Вчера се сретнав со семејството кое се врати од Газа. Преку Египет ги вративме во Скопје со помош на Обединетите нации и ги сместивме со помош на Министерството за труд и социјална политика. Станува збор за брачен пар и две дечиња, прецизира Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.