Предлагачите на измените на Законот за културно наследство го повлекоа предлогот за кој денес требаше да се гласа во Собранието заради изградбата на коридорите 8 и 10 д. Археолозите непосредно пред почетокот на седницата преку протест предупредија дека пратениците ќе направат кривично дело доколку гласаат за измените оти со нив се озаконува уништување на културното наследство и се кршат низа домашни закони, меѓународни договори и ратификации.

Предлагачите ги повлекоа измените откако Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ најави дека тие нема да гласаат за дневниот ред, ќе ја напуштат седницата и побара повлекување на сите предложени измени кои ги добиле во петокот и имале кус рок да ги разгледаат, побара јавна расправа за сите измени во која ќе се вклучат и експертите и јавноста.

Се додека пратениците се потпишуваат на овие законски решенија а не Владата која бега и на чуден начин се потргнува од одговорноста ќе провејува фактот дека сомнежите со желба за корумпирање, криминал и матни зделки ќе бидат дел од овој проект. Апелирам пратениците да не наседнуваат, замислете, на олку битни закони кои менуваат суштина на основни закони кои важат за граѓаните, не е потпишана Владата. Ако веќе проектот е најголем проект кој треба да се изведува во нашата држава, тука требаше да седат министри од Владата, да преземат одговорност, а не да се кријат зад мнозинството во ова Собрание. И да сакаме оваа држава да се развива побрзо, сакаме да успее овој проект ама сакаме да успее на јавен, транспарентен начин, а не законите да се пуштаат во петок, а во понеделник да се закажува седница. И не вие да ги потпишувате, да си дојде министер за култура, за земјоделие, за транспорт, за финансии и да застанат зад експропријациите, зад шумите, зад културното наследство и да го брани тоа што го прави. Вака излегува дека имаме пратеници експерти во ова Собрание кои можат да застанат зад олку големи закони – рече координаторот Мицевски.

И Маја Морачанин од ДОМ најави дека ќе гласа против измените оти треба да се носат на поинклузивен и потранспарентен начин со вклучување на експертката и академската фела.

По нивните забелешки претседателот на собранието Талат Џафери соопшти дека предлагачите ги повлекуваат предложените измени на Законот за заштита на културно наследство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.