Почна одбројувањето до претседателските и до парламентарните избори. Државната изборна комисија (ДИК) ги усвои роковниците за изборните дејствија, а во јавноста почнаа да се објавуваат и првите кандидати за претседател.
Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг би се одржал на 8 мај, за кога се закажани и парламентарните избори. Изборната кампања за претседателските избори започнува на 4 април на полноќ и ќе трае до 24:00 часот на 22 април.
Собирањето потписи за претседателските избори започнува на 23 февруари и трае до 8 март до 24:00 часот. Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците. Учесниците на изборите, листите со кандидат/и за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март на полноќ.
СДСМ најави дека ќе има свој претседателски кандидат, ВМРО-ДПМНЕ дека многу скоро ќе се знае нивниот кандидат, а кандидатура вчера најави и актуелниот градоначалник на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, поддржан од Европскиот сојуз за промени.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА, нагласи дека тие ќе одат со свој кандидат за претседател, кој, ќе биде поддржан од голем број нивни коалициски партнери.
Прашан кога ќе биде познат претседателскиот кандидат на партијата, вели дека нивниот кандидат ќе дели европски вредности и нема да ги дели граѓаните по ниту еден основ.
Сметам дека СДСМ е единствена партија која што може да даде таков кандидат и се потврдило во минатото дека кандидатите кои биле предложени од СДСМ, а кои станале претседатели на државата застапувале токму такви вредности. Ние сме коалиција која што има најголем број на политички партии во неа и сметам дека исто така на тој начин ќе биде продолжена и политиката на добрососедски односи, политиката на одлични меѓуетнички односи во државата и секако политиката на одлични односи со стратешките партнери со САД, Велика Британија и Европската Унија – додаде Ковачевски.
Вели дека меѓу кандидатите има бивши претседатели на партијата, бивши претседатели на државата, бивши секретари на партијата и видни истакнати членови на заедницата, како на пример поранешни истакнати судии…
За актуелниот претседател Стево Пендаровски, рече дека во изминатите пет години одлично ја извршувал функцијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа изјави дека многу скоро ќе биде познат и нивниот кандидат за претседател, без да открие детали за профилот на човекот што би можел да биде нивниот кандидат.
Мицкоски најави дека многу скоро партијата ќе го објави претседателскиот кандидат без да кажува детали за профилот на личноста.
Кандидатурата на Таравари, според Мицкоски, ќе ја испровоцира ДУИ да предложи свој кандидат. Смета дека е добро за демократијата на државата да има повеќе претседателски кандидати.
Мислам дека е добро и здраво за демократијата во Македонија да има повеќе претседателски кандидати затоа што граѓаните ќе имаат повеќе можности. Ценам дека со кандидатурата на Арбен Таравари, ќе биде испровоцирана ДУИ, па и тие ќе мора да профилираат претседателски кандидат, што е добро – рече Мицкоски на гостување на телевизија 21.
За тоа кој е нивниот посакуван коалициски постизборен партнер, Мицкоски рече дека тоа е консолидираната албанска опозиција односно блокот што го предводат Меџити, Касами, Гаши и Таравари.
Таравари по расколот во неговата партија Алијанса за Албанците вчера во Гостивар објави дека ќе биде претседателски кандидат на Европскиот сојуз за промени, чиј дел се Беса на Билал Касами, Алтернатива на Африм Гаши и Демократско движење на Изет Меџити.
Кандидатурата за претседател на државата на лидерот на Алијанса за Албанците (АА) и градоначалник на Гостивар Таравари ќе биде поднесена со собрани потписи од граѓани, бидејќи, како што кажа, немаат доволно пратеници за поддршка.
Се надевам наскоро, кога ќе започнат и законските рокови и за ден-два да ги собереме потребните десет илјади потписи – рече Таравари.
Запрашан за тоа каква кампања ќе води и што очекува од противкандидатите, тој напомена дека европска кампања е единствената алтернатива за земјава.
Лидерот на Алтернатива Гаши синоќа во телевизиско интервју истакна дека Таравари е еден од подобрите кандидати во претседателска трка и можно е да оди во втор круг на изборите.
Го кандидиравме поради квалитетот што го поседува како личност, добро познат доктор е и им служел на сите граѓани и поддршка ќе има од различни етникуми – изјави Гаши.
Во однос на информациите дека и Али Ахмети ќе се кандидира за претседател на државата, Гаши за Канал 5 телевизија рече „ако на ДУИ им е толку важно Албанец да биде премиер или претседател, зошто не ги убеди своите гласачи да го поддржат Таравари зад кого стојат четири партии и многу граѓани?“.
Претходно, Левица ја промовираше професорката Билјана Ванковска како свој претседателски кандидат, а собирање потписи најави и професорот Вело Марковски. Кандидатури најавија и други политички партии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.