Вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски од Битола при своето обраќање порача дека нема да има отстапки ниту милиметар по бугарски диктат.

Четврти мај е денот кога завршува животот на еден од најголемите македонски синови Гоце Делчев. Човек кој целиот свој живот го посветил за слободна Македонија. Чиј култ поради неговото дело и херојски подвик останало да биде славено повеќе од еден век потоа. Сите народи во светот своите темели ги ѕидаа со камењата на жртвите за слобода и независност и со песокот на илјадниците срца кои чукаа за своја држава, македонскиот народ, како ретко кој други народи во светот тие темели ги поливаше со својата крв и страдања. Затоа темелите на денешната наша држава се и гоцеви, затоа што освен со неговиот живот и борба, тој стана синоним и за илјадници други животи и борби кои беа дадени за истата цел a таа цел беше слободна Македонија“, рече Мицкоски.

Е токму по тие Гоцеви темели и денес се удира и не е тоа случајно, затоа што тие за нас се свети, а кога ќе ви го бараат најсветото тоа е и најскапото. И ние тука ја знаеме неразумната и непринципиелна политика на бугарската страна, но таа ќе останеше без ефект доколку не беше сервилноста на македонската влада. Мене неразумноста на Софија не ме загрижува, туку сервилноста на македонската влада и сега наместо да изградевме консензус како заеднички да ги браниме тие темели тие уште пожестоко и силно удираат и распродаваат.  Македонската дипломатија не постои и се сведува на трка на поединци со желба за амбасадори каде поважно е чива суета ќе се погали, наместо некој државен проблем да се реши“, појасни Мицкоски.

Мицкоски посочи дека во МНР се прават лични аранжмани, но не и дипломатија. Затоа се и поразите и срамовите.

Треба да знаат дека попуштање нема да има ниту милиметар од страна на ВМРО-ДПМНЕ и дека уставните измени нема да им поминат нема да има уставни измени под бугарски диктат и во овој состав на парламентот. Ќе конструираат судски пресуди и судски случаи против раководството на ВМРО-ДПМНЕ и против ВМРО-ДПМНЕ затоа што знаат дека тоа е бедемот. Затоа што знаат дека тоа е браникот на македонскиот национален интерес јас можам од овде од Битола да им порачам тој е толку цврст што ќе ве надживее вас ќе ве порази а после поразот ќе има одговорност и ќе ве пратиме наместо во Париз амбасадори во Идризово. Таму ве чекаат“, нагласи Мицкоски.

Затоа се притисоците, бидејќи од власта земале обврски во име на народот кои не можат да ги испорачаат. Ние драги пријатели браќа и сестри како ВМРО-ДПМНЕ се опкружуваме со народот, а тој јасно кажува што сака. Тие во удобните фотелји, и персиските килими, зад ѕидините на канцелариите скриени од народот, ние меѓу народот. Меѓу господарот на оваа наша напатена Македонија“, посочи Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.