Средното стручно образование е поатрактивно за упис на идните средношколци, отколку гиманзиското. Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година соодност на запишани ученици е околу две третини, наспроти една третина, односно 73,8 отсто се запишани во стручните училишта, а само 26,2 отсто во гимназиите во земјава.
Во двете пријавувања вкупно се запишаа 15.481 ученици, од кои 11.428 ученици во стручно и 4.652 во гимназиско образование, велат за МИА од Министерството за образование и наука (МОН).
Анализите и податоците на Центарот за стручно образование и обука покажуваат дека неколку години наназад за учениците примамливо е дуалното образование, со кое е предвидено освен теорија и практична настава во компаниите, образование кое го бара домашниот бизнис сектор, но и европскиот пазар на труд. Директорот на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари лани на 31 мај во изјава за медиумите во Штип посочи дека 69 проценти од учениците во прва годинава во земјава за учебната 2023-2024 година се запишани во стручните училишта.
Директорките на средните стручни училишта во Штип, Јованка Шалева и Марија Николиќ велат дека според бројот на запишани ученици годинава ќе ги формираат сите паралелки. Шалева која е директорката на регионалниот електро-машински училишен центар „Коле Нехтенин“, кое е и најголемо стручно училиште во Брегалничкиот регион за МИА изјави дека оваа година на Конкурсот за 254 слободни места се пријавија и се запишаа 230 ученика. Ова училиште веќе има и соработка со бизнис секторот, каде што се реализира практичната настава.
Идејата ни е да го спречиме иселувањето, да сфатат учениците дека со дипломата, којашто ја стекнуваат во нашето училиште можат да се вработат добро, да основаат сопствен бизнис или понатаму во иднина да бидат дел од некоја индустриска-технолошка зона. Ние како општество треба да размислуваме за развој на индустријата, бидејќи економијата се развива со добра индустрија, вели Шалева.
Од Министерството за образование и наука за МИА велат дека предизвиците со дуалното образование може да се надминат единствено преку еден заеднички пристап на сите институции, затоа што не е доволно само да се понуди поквалитетно образование, кон кое се стремиме.
Потребна е усогласеност на образовниот систем со пазарот на трудот, што ќе биде една од целите на МОН во следниот период. Потребни се повеќе и подобри работни места со пристојна плата, поддршка на идеи. Но, потребна е и стабилност на меѓуетничките односи, подобра општествена клима. Новото раководство на МОН ќе се заложи за повеќе и поквалитетни образовни можности и во таа насока веќе се започнати промени како во основното и средното, така и во високото образование, велат од Министерството за образование и наука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.