Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, во кои се вклучени и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Клучните наоди од истражувањето вклучуваат:

– Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра).

– Просечниот број понуди по тендер во 2022 година изнесува 3, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021.

– 90 % од мониторираните тендери се спроведени подоцна од рокот кој бил предвиден во плановите за јавни набавки.

– Поништени се 31 % од постапките за јавни набавки.

– Низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 31 милион евра, што е намалување за 30 % во однос на претходната година.

– Се намалува бројот на жалби од фирмите кои во 2022 година до Државната комисија за жалби по јавните набавки поднеле 751 жалба, што е за 34 % помалку од претходната година

– За 63 % од фирмите, ’најниската цена‘ како критериум за избор е најчестиот проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки.

– 93 % од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот.

– 54 % од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите.

– 46 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а 18 % изјавуваат дека лично се соочиле со корупција на тендерите.

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.