Дали СДС и ДУИ, т.е. Димитар Ковачевски и Артан Груби со договорот кој го потпишале со Бехтел и Енка ја обврзале Македонија да плаќа милионски пенали, доколку не се измени Законот за работни односи и не се овозможи 60 часовна работна недела за работниците кои ќе работат на проектот на Бехтел и Енка на Коридорите 8 и 10д, прашува Ели Панова, заменик координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку е вистина, пеналите кои Ковачевски и Груби ги прифатиле како дел од договорот се на директна штета на државата и надвор од нивните овластувања како извршна власт.
Согласно извадокот од договорот кој го виде македонската јавност се обврзале во рок од 45 дена од денот на потпишување на договорот да го сменат Законот за работни односи и да воведат 60 часовна работна недела, во спротивно треба да исплатат еднократни пенали во висина од 53 милиони евра. Плус, тие се обврзале секој месец да исплаќаат допопнителни 1 милион 265 илјади евра на име постојани пенали додека трае договорот, доколку не се измени Законот и не се воведе 60 часовна работна недела. И Ковачевски и Груби ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и за ова мора да има одговорност – рече Панова.
Дополнително треба да се нотира дека и Ковачевски и Груби потпишале договор, кој содржи елементи за кои Уставниот суд се изјаснил дека се противуставни. Имено на седница од 13 јули 2022 година Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член за 60 часовна работна недела кој беше дел од Законот гласан во Собранието за Бехтел и Енка бидејќи е во спротивност со темелните вредности владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.
Зошто Ковачевски и Груби иако знаеле за оваа пресуда на Уставен пристапиле кон потпишување на договор кој содржи неуставни обврски, прашува Панова.
Ова не е единствената штета од законите кои СДС и ДУИ ги предлагаат да бидат изгласани по скратена постапка.
Власта спротивно на сите европски практики му овозможува на изведувачот инстант пренамена на земјоделското земјиште и шуми во градежно земјиште, со ова се прескокнуваат голем број институции и комисии, но и се дерогира системот.
Власта го оштетува буџетот и преку измените на закон со кои изведувачот се ослободува од даноци, царини и акцизи.
Со законските измени предложени од власта му се овозможува на изведувачот да може да врши експлоатација на минерални суровини во било кој дел од Македонија само со одлука на Влада и до 6 месеци по завршување на проектот. Со ова повторно имаме прескокнување на министерства, на институции и се анулираат закони.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе пристапи кон изготвување на суштински амандмани со цел подобрување на овие закони и избегнување на штетите кои би ги трпела Македонија од неспособноста на Ковачевски и Груби – додаде Панова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.