Последните десетина година најдобрите деца ни одат, заминуваат од државата и тоа е нешто што не можеме да го надоместиме. Тоа државата треба да го стави како најврвен приоритет. За мене, вложување во вистинско, квалитетно образование и наука е една од можностите за задржување на тие деца, рече денеска академик Александар Димовски на презентацијата на новата опрема за генетско испитување во МАНУ како и на имплементацијата на проектот „Унапредување на капацитетот на Националниот центар за геномика и протеомика“.

Академик Димовски, кој го води Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ во МАНУ е убеден дека без вложување во науката нема знаење, а без знаење нема напред.

Цело време се залагам за тоа што го зборуваат сите дека се стремиме да стигнеме она што Европа го има како издвојување за наука или, околу три отсто од БДП, но ние сме многу многу под тоа. Имаше идеја, ветувања, од сите има добра волја, меѓутоа, кога ќе дојде време за вистинско издвојување, секогаш науката е она, трето прасе, последно, од кое најлесно се зема и се остаува како најситен дел за издвојување. Сѐ друго е само шлаг на торта, без темели. И заради тоа мислам дека вложување во науката мора да има и тоа многу да има многу повеќе од тоа што го имавме досега, кажа академик Димовски.

Академик Димовски кажа дека имало многу стратегии, многу идеи, но верува дека ќе се покрене некоја иницијатива, да се направи нешто да се договорат сите што се чинители. Верува дека МАНУ е спремна да покрене една таква иницијатива, да координира една таква иницијатива, да се направи еден план за следни 5, 10, 15 години каде ќе одиме.

Сите имаме деца или внуци или имате пријатели. Ако имаат овде каде да работат и вистински да се едуцираат и со тоа пристојно да живеат, верувајте нема да си одат надвор. Бидејќи работат, прекрасни деца се. Ама немаат опција и прво што гледаат за надвор. За жал ги губиме, рече академик Димовски.

Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ во МАНУ е формиран од академик Ефрменов и овие години служеше како центарлен ХАБ не само во државата, туку и во регионот за воведување на нови методи, истражувања во оваа област и едукација на кадар.

Ова е област со неверојатно брз раст, потребни се извонредно многу вложувања за да останете на ниво да бидете компетентни, да останеме на ниво на коешто бевме пред 35 години. Опремата која ја добивме има три цели: Научно-истражувачка во областа на молекуларната медицина главно тоа се однесува на наследни, генетски болести кои сега по ново се крстени ретки заболувања, но и останати заболувања, како малигните и инфективните заболувања. Второ е примена на тие сознанија во секојдневната клиничка пракса. Ова е централна лабораторија каде што се прави целата дијагностика на ретките заболувања. Трето е едукација на кадар. Новата опрема ќе ни овозможни да го задржиме она ниво коешто го имаме, да бидеме блиску до центар на извонредност, да бидеме вистински репрезент на науката во Македонија во регионот и во Европа и да го задржиме нивото на квалитет на дијагностика на генетските заболувања. Мора да се продолжи со вакви и со многу поголеми инвестирања во науката. Како мала и сиромшна земја, ние друго немаме избор, освен да инвестираме во знаење, да станеме општество базирано на знаење на тој начин да овозможиме, да создадме услови да си ги задржиме децата овде, да створиме услови на добра, убава, позитивна работа во којашто ќе можат да работат нешто што би работеле било каде во Европа, кажа денеска Димовски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.