Преку АД Пошти ќе се одвива целиот поштенски сообраќај на АД ЕСМ и сите негови подружници во однос на испраќање, пренос и достава на поштенски пратки во внатрешен и меѓународен поштенски сообраќај за комуникација со деловни партнери, а особено во следниот период за испорака на фактури за парно греење до потрошувачите во градот Скопје.

Тоа е овозможено со денеска потпишаниот договор помеѓу двете акционерски друштва во државна сопственост.

Од АД ЕСМ инфиормираат дека се првиот државен субјект кој потпиша ваков договор, по одлуката на Владата донесена во октомври годинава која се однесуваше на сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост и сите останати државни институции, задолжително да ги користат услугите на националната Пошта.

Според генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, договорот е показател за општествена и државна одговорност на АД ЕСМ да се помогне на институциите на државата и да се спроведуваат одлуките на Владата.

Генералниот директор на АД Пошта на Македонија, Васко Стефанов, пак, ги повика сите државни институции и акционерски друштва, како и општините, да склучат договор со Пошта по примерот на АД ЕСМ.

Стефанов истакна дека системот и инфраструктурата им овозможуваат да ги пружат услугите кои се бараат, а со тоа да го консолидираат ова акционерско друштво во државна сопственост.

Со одлука на Владата сите државни институции добија задолжение за своите потребни да ги користат услугите на АД Пошта на Македонија, а не на други оператори, а со цел да се подобри финансиското работење на националната Пошта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.