Образованието има потенцијал да ги извлече луѓето од сиромаштија, но резултатите од ПИСА посочуваат на нееднаквости во системот. Во Македонија, учениците кои се во многу добра социо-економска состојба имаат далеку подобри постигања од учениците кои се социо-економски најобесправени и тоа за дури 76 поени по математика. Ако не се надминат овие нееднаквости, системот ќе ги продлабочи и со тоа ќе придонесе кон уште поголема сиромаштија и недостаток на можности, вели претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ди Џовани на Меѓународниот ден на образованието.

 Квалитетното образование е клучен двигател на економскиот раст и развој и го забрзува остварувањето на сите човекови права. Образованието овозможува стекнување на потребните вештини и знаења, за да може, по завршувањето, учениците да се вклучат на пазарот на трудот и да придонесат кон подобар економски развоја. Исто така, образованието помага да се намалат нееднаквостите и сиромаштијата преку подобрување на можностите за работа и зголемување на приходите, вели Ди Џовани.

Резултатите од последното тестирање во рамки на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА 2022) кои укажуваат на проблеми во резултатите од учењето кај учениците, алармираат дека структурните реформи во образованието треба да станат национален натпартиски приоритет.

Севкупните постигнувања на учениците се многу ниски и се намалени меѓу 2018 и 2022 година. Само еден од тројца ученици на возраст од 15 години постигнал минимално ниво на знаење по математика (ниво 2 од 6), што значи дека двајца од тројца ученици не успеале да протолкуваат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може математички да се претстави. Резултатите по читање се уште позагрижувачки, при што само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење.

За да се зајакне економијата, потребна е квалификувана и компетентна работна сила. Меѓутоа, во нашата држава процентот на ученици кои го постигнале највисокото ниво е значително понизок од просекот во ОЕЦД.

Според извештајот на УНИЦЕФ само еден процент од учениците имаат највисоки достигнувања по математиката, достигнувајќи ниво 5 или 6 (во споредба со просекот во ОЕЦД од 9%), додека речиси никој нема највисоки достигнувања по читање и наука (во споредба со просекот во ОЕЦД од 7% во двете области). Доколку таквата состојба не се надмине, земјата и понатаму ќе заостанува во развојот на човечкиот капитал и конкурентноста.

Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, се соочува со емиграција на млади, образовани и квалификувани луѓе и резултатите покажуваат дека овој тренд најверојатно ќе продолжи, бидејќи задоволството на учениците од животот е значително намалено. Помеѓу 2018 и 2022 година, двојно е зголемена стапката на ученици кои се изјасниле дека не се задоволни од својот живот, од 7% во 2018 година, на 14% во 2022 година.

Во извештајот на УНИЦЕФ се наведува дека оптимистички е тоа што Македонија е над просекот на ОЕЦД за прашања поврзани со чувството на припадност на учениците во училиште.

Во 2022 година, 85% од учениците во Македонија се изјасниле дека лесно се спријателуваат на училиште, а 86% имаат чувство на припадност во училиштето (во споредба со просекот во ОЕЦД од 76% и 75%, соодветно). Таквото споделено чувство на припадност треба да се искористи и да им се обезбеди квалитетна настава на учениците и стимулирачка училишна средина, за да можат да ги развиваат своите интереси, да се стекнат со повеќе знаења и компетенции, а со тоа да си обезбедат подобар живот.

Училиштата, исто така, треба да им овозможат на учениците да стекнат широк спектар на дополнителни вештини, како што се справување со емоциите, преговарање, решавање проблеми, емпатија и комуникација. Овие вештини им помагаат на учениците подобро да учат, да бидат глобални граѓани, оспособени да се справат со личните, социјалните, академските и економските предизвици, истовремено помагајќи им и на младите луѓе кои се справуваат со тешкотии да се справат со предизвиците и да изградат отпорност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.