Војната во Украина предизвика повеќето армии во НАТО меѓу кои и АРСМ кои поседуваат авиони но и други летала од советско или руско потекло да се соочуваат со потешкотии за нивно редовно сервисирање но и набавка на резервни делови и ремонти. Главна причина за потешкотиите се секако санкциите кон Русија кои ги прекинаа механизмите за редовна поддршка при набавка на резервни делови и ремонт.

Во тој контекст среде војна во Украина и неможност да се обави ремонт на македонските летала, два хеликоптера Ми-8МТ од руско потекло кои се во редовите на македонската армија поради истек на временскиот ресурс за летање заминуваат на ремонт во чешкиот завод ЛОМ во Прага, наведува порталот „Балканска безбедносна мрежа“.

По долго задоцнување, потпишан е меѓудржавен договор според кој во рок од 13 месеци ќе се вратат во употреба два Ми-8МТ, регистарски броеви 305 и 306, со временски ресурс од осум години. Цената на работите е блиску до шест милиони евра, се додава во текстот.

Порталот наведува дека контроверзното прашање околу ремонтот на тие хеликоптери од 1985 година е набавката на резервни делови кои ги прави само руската авијација и до кои Македонија, како членка на НАТО, не може да пристапи поради војната во Украина.

Во таа конотација некаде пред крајот на минатата година министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорот на Чешка во Скопје, Јарослав Лудва потпишаа Договор за ремонт на хеликоптери помеѓу владите на двете земји. Договорот, кој е по принципот „Влада со Влада“, како што соопштија тогаш од Министерството за одбрана, е во рамки на планот за модернизација и опремување на капацитетите на Армијата и предвидува ремонт на два хеликоптери Ми-8МТ во период од 13 месеци.

Договорот за ремонт на хеликоптери претставува Договор „Влада со Влада“ (Г2Г) и ќе ја зајакне и интензивира билатералната и одбранбената соработка со Чешката Република. Со предвидениот ремонт на хеликоптерите ќе се зголеми борбената готовност на Армијата, додека истовремено ќе се унапреди интероперабилноста на воздухопловниот ВИНГ со сојузниците – информираа во соопштението од МО.

Инаку, Македонија претходно главно се потпираше на украинската поддршка за ремонт, од каде ги набави сите Ми-8 и Ми-17, како и борбените Ми-24В што ги има во својот инвентар. Сега има по два Ми-17, Ми-8МТ и Ми-24В, за кои се вели дека се „во ресурс“ и ќе можат да летаат до средината на оваа деценија, во зависност од времето на завршување на последниот ремонт.

Во исто време, двата Ми-24В ремонтирани во Украина во 2018 година ќе летаат до 2025 година. Двата Ми-17 за македонската воена авијација се набавени во 1994 година од Украина, а се произведени во фабриката во Казан, Русија. И двата беа ремонтирани во Литванија и вратени во март 2017 година и на нив се смета до 2024 година.

Македонски воени ознаки носат четири примероци на Ми-8МТ, од кои три се произведени во 1985 година, а еден во 1986 година. Првично летаа во советската авијација, а во 1992 година, по поделбата на државата и имотот, ѝ припаднаа на Украина. Тие беа испратени во базата „Бондстил“ на Косово како дел од украинскиот контингент во КФОР, а во 2001 година Македонија ги купи од Украина за да ги користи во војната со ОНА.

Според планот за развој на вооружените сили на Македонија за периодот од 2019 до 2028 година, планиран е ремонт на два Ми-8МТ, кои сега ќе се реализира, како и набавка на нови летала. Според тој документ, тоа е програма што треба да биде покрената во 2024 година. Предвидениот буџет е 216 милиони евра, наведува порталот „Балканска безбедносна мрежа“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.