Координаторот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски посочува дека ДУИ го блокираат гласање за разрешување на министрите, а со тоа и влезот на Алијанса на Албанците во Влада. Тој од собраниската говорница посочи дека пратениците на Али Ахмети не се во салата, па затоа не може да се гласа.
„Потпретседателе, барам јавно сега да кажете дали има повеќе од 61 пратеник во салата? Исполнети се условите за точката да се стави на дневен ред, ама нашиот стопан ДУИ не е тука и не ни дозволува да гласаме, затоа ќе почекаме кога ќе дојдат тие и кога ќе се одважат, тогаш ќе ставиме на гласање ова што треба да се случи. Од сега натаму да не ве слушнам дека ВМРО-ДПМНЕ го блокира изборот на Владата“, кажа Мицевски.
Тој повика да се стави точката за разрешување на министерот за информатичко општество на гласање. Но, Горан Мисовски продолжи со отворање на претрес по третата точка.
„Ајде и ние зборуваме дека оваа Влада во континуитет се што има сработено не чини, имаме доволен број на пратеници, да се стави на гласање, да се изгласа разрешување на министерот, белким новиот министер кој ќе дојде ќе покаже подобри квалитети и ова хакирање и ненавремените рекации кои ги прави Министерството за информатичко општество, ќе бидат решение. Ама вие не сакате да оставите бидејќи утре сабајле сакате да продолжите со пресовите дека ВМРО-ДПМНЕ блокира и дека не дозволуваме да се избере Влада“, додаде Мицевски.
Собраниската седница продолжува со дебата за разрешувањето на Џемаил Чупи кој е министер без ресор. Пратениците ќе работат и по 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.