Согласно информациите од Македонски железници, поради напукнат бетонски столб на мост на Црна Река, на линијата Гевгелија – Велес, поточно помеѓу железничките станици Кукуричани – Градско, во близина на Стоби, железнички сообраќај на овој патен правец целосно е во прекин од 15:25 часот – и патнички и товарен. Но, патничкиот сепак се одвива со „премостување“ – со автобуски превоз. Конкретно, од Скопје возовите ќе сообраќаат до Градско, додека од Гевгелија ќе сообраќаат до Криволак. Од наведените железнички станици – Градско и Криволак, патниците се превезуваат со автобуски превоз. Експерти од Градежниот факултет во Скопје, во текот на денешниот ден планирано е да излезат на терен, за да извршат увид на состојбата, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во соопштението се додава дека пожарникарите од Битола во период од 17:37 до 18:33 часот, со едно противпожарно возило и тричлен тим, интервенирале на запалена ниска вегетација, сува трева и грмушки, на стариот пат за село Могила. Помали интервенции имале пожарникарите, по една, од Валандово, од Кавадарци и од Охрид, а две – пожарникарите од Скопје.
Според последниот извештај на секторот Е-112 во ЦУК кон Единствениот број за итни случаи, имало вкупно 1.583 повици. „Реални“ повици за итни случаи имало 31,59 отсто. Имало 68,41 проценти други, именувани како „неитни повици“, што биле за други потреби на граѓаните или едноставно не биле итни. Со примањето во ЦУК на овие други повици се растоваруваат од повици службите коишто се за итно интервенирање. Кон полицијата биле упатени 54,60 отсто од повиците, кон Итната медицинска помош -38,65 проценти, а кон пожарникарите биле упатени 1,84 отсто. Кон ЦУК имало 4,91 проценти од итните повици, што е во рамки на просекот од три до 10 проценти што ги решава, секако заедно со 68,41 отсто од другите, именувани и како „неитни повици“, поточно ги координира итните случаи чија природа на настан „бара“ комбинирано дејствување на повеќе институции или служби во државата, се додава во соопштението.
Регионалниот ЦУК Скопје информира дека од Единствениот број за итни случаи Е-112, добиле информација дека на крстосницата на улицата „Варшавска“ со Булеварот „8ми Септември“, околу комплексот на згради, имало расфрлана отровна материја од којашто започнале да изумираат бездомните животни.
Тоа е многу опасно за мали деца кои можат случајно да дојдат во допир или да земат од таа затруена материја. Од ЦУК, конкретно преку Регионалниот ЦУК Скопје, пријавата е доставена до Општина Карпош и до ЈП „Лајка“, за нивно понатамошно постапување, а истовремено ја информирале и полициската станица „Карпош“ од каде што повратно известиле дека веднаш испратиле екипа на терен за увид, пишува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.