Помошник-државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Керен Донфрид, следната недела ќе го посети Западен Балкан, а еден ден ќе престојува и во Скопје.

Како што соопшти Стејт департментот, нејзината посета ќе се реализира во периодот од 25 до 29 април кога таа ќе ги посети Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Во земјава Донфрид ќе биде на 28 април.

На 28 април во Македонија, таа ќе се сретне со владините лидери за да ја сигнализира нашата силна поддршка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ и да им се заблагодари за нивната постојана помош за Украина. Таа ќе ја охрабри најновата земја-членка на НАТО да ја продолжи блиската соработка за низа регионални, безбедносни и одбранбени прашања за промовирање на демократијата и регионалната соработка“, соопшти Стејт департментот.

На истиот датум на агендата на Донфрид е и Албанија со која ќе одбележат 100 години од американско-дипломатските односи. Според најавата, помошник-државната секретарка ќе искаже силна поддршка за почеток на пристапните преговори со ЕУ и за Албанија.

Нејзината турнеја на Западен Балкан на 25 април таа ќе ја започне во Косово, а следниот ден ќе отпатува за Србија. Меѓу останатите теми на разговор со косовските и српските власти ќе биде и дијалогот помеѓу двете земји за нормализирање на односите и ќе ја нагласи потребата за негово возобновување.

На 27 април, на агендата на Донфрид е Босна и Херцеговина каде ќе ги охрабри властите да ги унапредат реформите и да обезбедат поголем просперитет за земјата, како и да добијат кандидатски статус за ЕУ. Исто така, ќе повика навремено да се спроведат изборите планирани за есента 2022 г., но и да се зајакне борбата против корупцијата.

Регионалната посета таа ќе ја заврши на 29 април во Црна Гора каде меѓу темите на разговор ќе бидат забрзување на евроатлантскиот пат на оваа земја и нејзиното пристапување во ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.