Муслиманскиот свет денеска го слави верскиот празник Курбан бајрам. Празникот се слави во текот на четири дена.
Поглаварот на Исламската верска зедница Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаху упати порака по повод празникот Курбан бајрам. Фетаху во пораката вели дека празникот Курбан бајрам со сите негови вредности и морални елементи го покажува концептот на воздигнување на општествата и нè учи дека нема големи дела без големи жртви.
„Курбан бајрам, празник кој вклучува три важни настани кои го одведоа светот и човештвото на вистинскиот пат: Во овие денови заврши објавувањето на Чесниот Куран, со кој еднаш засекогаш беа дадени божествените концепти за Алах, човекот и општеството. Во овие денови се извршува петтиот услов – хаџ во благородната Мека, во Каба, Арафат, Мина, Муздалифа и многу други обврски. Верниците на исламот ширум светот ја извршуваат обврската за колење курбан инспирирајќи се од Ибрахим а.с. и Мухаммед а.с. Сите овие божествени заповеди од Големиот Алах му даваат висока вредност на големиот празник Курбан бајрам. Оваа голема прослава на Курбан бајрам му зборува на современиот човек дека, покрај развојот во различни сфери, треба да им се врати на душата, моралот, здравото семејство, благородното општество кое ќе придонесе за зближување меѓу народите, за помагање меѓу луѓето, за запирање на убиствата, војните, масакрите, геноцидите и избегнување на опасните аномалии во општеството кои го уништуваат човечкиот морал“ – посочува Фетаху.
Тој во пораката упатува честитки до граѓаните од муслиманска вероисповед со желба за мир, милост и благослов.
Имам особена чест, во име на ИВЗ и Република Македонија, на сите верници во земјата и во странство, да им упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Курбан бајрам, молејќи се на Семоќниот Алах да ја прифати нашата молитва, нашата садака, нашата жртва, а особено му се молиме на Алах да го прифати Аџилакот на сите аџии од наша земја кои се молат моментално на светите места. Честитки и нека е благословен празникот Курбан бајрам. Мир, милост и благослов на Големиот Алах нека биде врз вас, вели во видео пораката поглаварот на ИВЗ, Шаќир Фетаху.
Првиот ден на Курбан бајрам, денеска, е неработен ден за граѓаните од муслиманската вероисповед во државава.
Според традицијата, празникот Курбан бајрам се слави во текот на четири дена и курбанот, жртвеното животно, купено со алал пари се коле со мисла да се простат гревовите.
Еден дел од месото на курбанот се остава на домаќините, еден дел им се раздава на сиромашните и соседите, а еден дел се одвојува за гостите кои ќе дојдат на посета за време на Бајрам. За време на Курбан бајрам се посетуваат возрасните, роднините, пријателите и соседите, се помируваат скараните, на децата им се подаруваат пари и бонбони и се посетуваат гробовите на починатите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.