На оризопроизводителите во Македонија итно им се потребни системски решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат, алармира пратеникот Миле Лефков.

Како што најави на денешната прес-конференција, за таа цел, а на барање на оризопроизводителите, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија” денес до Собранието поднесе предлози за изменување и дополнување на два закони.

Тоа се Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за земјоделство и рурален развој и Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за стокови резерви.

Со измените на Законот за земјоделство и рурален развој предвидуваме оризот да биде стратегиска земјоделска култура.

Со опфатот на оризот како стратегиска земјоделска култура ќе се обезбедат доволни количини за потребите на населението и задоволување на пазарот во состојба на глобална прехрамбена криза. Воедно ќе се овозможи на поедноставен начин да функционира пазарот, со што ќе се олесни откупот на оваа земјоделска култура и ќе се одбегнат ценовните манипулации.

Со измените на Законот за стокови резерви кои ги поднесуваме, се предлага оризот да добие третман на производ од посебно значење и да стане дел од производите кои ги сочинуваат стоковните резерви.

Со ова, Агенцијата за стокови резерви ќе може да работи со оризот како со другите култури и ќе овозможи пазарните вишоци да бидат откупени од страна на државата. Преку ова ќе имаме зголемен откуп и реални пазарни цени на оризот, соопшти Лефков.

Неодговорниот однос на министерот Љупчо Николовски и на Владата на Ковачевски, додаде Лефков, ги доведоа оризопроизводителите во катастрофалната состојба, поради кое е неопходна брза и решителна акција на Собранието, затоа очекуваме барањето да се стави како точка на дневен ред на седницата која што ќе се одржи во вторник/

За крај, би сакал уште еднаш да упатам порака до парламентарното мнозинство, предлозите да бидат прифатени согласно Деловникот и да добиеме можност пред целата македонска јавност да дискутираме и аргументирано да дебатираме за оваа проблематика и за клучната потреба од измени на овие закони, рече Лефков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.