Во Њујорк денеска во 9 часот почна Генералната дебата на 79. Генерално собрание на Обединетите нации, на која ќе учествува и македонската делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Темата на годинешново собрание е „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.

По официјалниот пречек на шефовите на држави и влади од страна на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш следува отворањето на кое тој ќе има воведно обраќање. По него традиционално се обраќа претставник на Бразил, а потоа ќе зборува американскиот претседател Џо Бајден. Трет говорник е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Со сесијата ќе претседава камерунецот Филемон Јонг.

На Генералното, кое ќе трае до 30 септември, се очекува да присуствуваат 133 шефови на држави и влади, тројца потпретседатели, 80 потпретседатели на влади и 45 министри од земјите членки.

На покана на pретседателот на САД Џо Бајден, претседателката денеска ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“, а потоа и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“.

Утре во попладневните часови по македонско време е предвидено Сиљановска Давкова да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН.

Синоќа претседателката присуствуваше на приемот организиран од Канцеларот на Германија Олаф Шолц и претседателот на Намибија Нанголо Мбумба по повод одржувањето на Самитот на иднината, што се одржа во изминатите два дена, како вовед во Генералното собрание.

Во македонската делегација се и министрите за надворешни работи и за надворешна трговија Тимчо Муцунски, за животна средина Изет Меџити, а вчера во Њујорк допатува и министерот за здравство Арбен Таравари. Муцунски денеска во Њујорк има и повеќе билатерални средби.

Њујорк деновиве живее под засилено полициско обезбедување поради настаните во неделата на Обединетите нации и многуте високи гости и делегации. Од почетокот на Самитот на иднината се блокирани некои улици на Менхетен а од вчера нивниот број се зголеми, а со тоа и метежот по улиците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.