Платите во образованието да се усогласат со Колективниот договор, бара ВМРО-ДПМНЕ откако вчера пропаднаа преговорите меѓу Владата и СОНК.
Со усогласување на платите со Колективниот договор во образованието, платите на наставниците, професорите и останатите во образованието треба да бидат до 45 илјади денари, бидејќи е нелогично асистент на факултет да има плата од 23 илјади денари, што е само нешто над минималната, а истиот тој човек инвестирал во своето образование и е магистер и со запишан докторат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Владата информираат дека на средбата меѓу владата и СОНК се разговарало за барањата на СОНК и донесен е заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков изјави дека Советот на СОНК донел одлука за стапување во штрајк на членството.
Штрајкот ќе започне на 11 април, а до кога ќе трае, ќе зависи од преговорите со надлежните министерства и со владините претставници, или ќе трае дотогаш додека не се договориме, рече Неделков.
Тој истакна дека школите и градинките од 11 април нема да работат до исполнувањето на барањата на СОНК – зголемување на платите во образованието за 18,5 отсто.
Одговорот од Владата беше дека сме во економска криза, кризата со Украина и слично, но нашите плати, во просек од 25.000 денари не стигаат за задоволување на основните месечни потреби, изјави Неделовски.
Во моментов, платите на вработените во градинките изнесуваат околу 23.000 денари, во основните училишта речиси 25.000, а во средните до 29.000. Со зголемувањето, највисоките би биле нешто под 35.000 денари.
Во дејноста детска заштита, во градинките имаме 10 различни работни места со 10 различни бодови за вреднување на работно место сега ќе земаат иста плата – тоа е непочитување на закон и колективен договор, изјави Неделков.
Претходно, од Влада по денешната средба со претставници на СОНК соопштија дека ќе продолжи континуираниот дијалог, се додека не се најде конечно решение за зголемување на вработените во образовниот сектор.
Зголемување на платите треба да се направи и во здравството, но и во другите сектори кај што вработените земаат плати кои се нешто над минималната плата во Македонија.
Сите граѓаните го чувствуваат по својот џеб каков драстичен пад на стандардот се случува и неправедно е некои од нив да не го добијат покачувањето на платите кое го заслужуваат. Во услови кога основните животни продукти поскапеа за над 30%, а горивата за 70%, во услови кога се зголемија сметките за струја и сите трошоци за живот, сите граѓани заслужуваат да земаат повисоки плати согласно сложеноста на работните места и обврски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.