Дури 81,6% од 103 анкетирани новинарки во земјава се соочиле со онлајн вознемирување, откриваат резултатите од анкетата спроведена од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Анкетниот прашалник кој го одговараа новинарките, е дел од темелната анализа посветена на онлајн вознемирувањето врз новинарките кај нас спроведено од ПИНА.
За потребите на анализата на ПИНА, посветена на проблемот со вознемирување во дигиталниот простор, покрај анализа на домашни и меѓународни извештаи, правни анализи, истражувања и публикации, спроведени се и интервјуа со релевантни чинители како од областа на новинарството, така и од сферата на родово базираното насилство, а направена е и анкета која ја одговориле 103 новинарки, од кои 80,6% имаат повеќе од 10 години работно искуство.
Според новинарките, мотивот за вознемирувањето најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ (56.6%), во 43.4% од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, во 36.1% поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија. Помал дел од новинарките кажале дека биле вознемирувани како резултат на изразување на лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите (24.1%) и кон некоја партија (18.1%).
Според податоците од истражување на Меѓународната федерација на новинари цитирано во публикацијата на ПИНА, 64% од новинарките се соочиле со онлајн насилство, од кои речиси половина (47%) не го пријавиле случајот. Резултатите од прашалникот на ПИНА покажуваат дека кај нас оваа бројка е уште повисока – дури 81,6% од новинарките во земјава се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа, а речиси половина (43,7%) вознемирувањето не го пријавиле никаде, додека најголем дел од останатите (32%) го пријавиле во својата редакција.
Над 29.7% од новинарките кажале дека биле споделени нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи, со цел нивна дискредитација. Со онлајн демнење се соочиле 22% од новинарките, додека оркестрирани кампањи биле организирани против 18.7%.
Иако најголем дел (86,4%) од испитаничките потврдиле дека се информирани во која институција треба да се пријави случај на онлајн вознемирување, само 25,2% се обратиле до надлежната институција. Скоро половина (41,9%) од новинарките кои пријавиле онлајн вознемирување и напади биле многу незадоволни од соработката со институциите, а само две испитанички се изјасниле како задоволни.
Анкетата покажува дека најчесто (79,3%) новинарките кажале дека не го познаваат вознемирувачот, а дури 89,9% од испитаничките биле вознемирувани на социјалната мрежа Фејсбук. Во заклучоците од анализата, еден од наведените проблематични аспекти, е и непостапувањето од страна на платформата Фејсбук при пријавување на онлајн вознемирувања.
Кај 74,3% од новинарките, доживеаното вознемирување не предизвикало промени во натамошното однесување и дел од испитаничките ги игнорираат ваквите содржини прифаќајќи ги како дел од професијата, што покажува висок степен на нормализација на онлајн вознемирувањето.
Како што истакна на Медиумскиот фестивал Скопје, авторката на анализата, Бојана Јовановска, целта на нападите во дигиталниот простор е да се замолчат гласовите на нападнатите, а посредно и да се замолчат и обесхрабрат нивните истомисленици, како и целни групи кои делат идентитетски карактеристики со примарните жртви на вознемирувањето. Токму затоа анализата е посветена на новинарките, кои како медиумски работнички се погодени поради својата јавна работа, но истовремено и како жени во патријархално општество.
Според содржината на онлајн вознемирувањето, доминира говор на омраза (69%), а во околу половина бил демонстриран сексизам (51,7%) и шовинизам (43,7%). Нападите во дигиталниот простор преоѓаат и во закани за физичко насилство (24,1%) и закани по живот (19,5%). Загрижувачки е и податокот што дури 36% од испитаничките сметаат дека се соочиле и со организирани напади. Целата детална анализа на ПИНА може да се погледне на следниот линк.
Првата публикација на ПИНА „Од нормализација до самоцензура – Анализа на онлјан вознемирувањето врз новинарките во Македонија“, беше промовирана неодамна на Медиумскиот фестивал Скопје придружена и од краткиот документарен филм „Опасни мрежи“ во кој се разгледуваат искуствата на неколку новинарки кои биле мета на различни видови онлајн вознемирувања.
Преку изработката на оваа анализа, во рамки на проектот „Промовирање на безбедноста на новинарките и професионалните стандарди во медиумите“ поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, платформата ПИНА, како организација која од самото основање работи на менување на свеста за позицијата на новинарките во македонското општество, го дава својот придонес во обид да се актуелизира оваа тема. Анализата е направена со цел да се даде увид во моменталната состојба со онлајн вознемирувањето и нападите на новинарките како форма на родово базирано насилство, како и да се идентификуваат можните решенија за намалување и надминување на проблемот, вклучувајќи и механизми и ресурси за обезбедување соодветна заштита и помош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.