Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Бране Петрушевски, обвини дека во Здравствен дом Куманово на распишаниот оглас за вработување на медицински сестри вработени се само партиски кадри на ДУИ. Директорот на Здравствен дом, Фарук Алили, вели дека информацијата не е точна и дека вработувањата оделе преку Министерството за здравство и дека тој не можел да влијае врз оценките и знаењата на сестрите. Здравствениот дом неодамна распишал оглас за вработување на десет сестри на неопределено.

-Локалните СДС и ДУИ се договориле шест вработувања да бидат нови од ДУИ, а четири од СДС, кои веќе четири години работеле таму по договор. Директорот, поставен од ДУИ си ги вработува сите десет од ДУИ, според мои извори, со поделени десет веќе решени тестови на тестирање, затоа што сметал дека сите десет вработени треба да се Албанки. По овој настан, претседателот на ОО на СДС, Тушевски доблесно си дал оставка, а пратеникот Костовски се крие и никаде го нема. Сега нови и неискусни медицински сестри ќе ги вакцинираат децата и ќе вршат домашна посета, додека искусните ќе седат дома без работа, само затоа што не се од ДУИ, напиша пратеникот Петрушевски.

Тој ги повика институциите да го испитаат случајот, да го поништат огласот и да се вработат стручни и искусни сестри.

Директорот на Здравствен дом, Алили вели дека како функционер се залага за вработувања на стручни, не на партиски кадри. Тој кажа дека побарале вработување на 26 лица, но биле одобрени само десет и потенцираше дека тестовите ги подготвува Министерството за здравство, а ги контролира тричлена стручна комисија чиј претседател е Македонец.

-Не се вистините овие информации, пратеникот шпекулира. По нашето барање за вработување до ресорното Министерството кое после праќа на финансии одобрени ни се десет. Ниту една не е член на ДУИ, дури и од мојата партија реагираа дека не се вработени членки. Јас не можам да кажам ништо за тестовите, си има стручна комисија која ги разгледува и оценува. Автоматски се рангираат кандидатите, согласно оценките од средно образование и знаењата покажани на тестирањето. Како јас да интервенирам кои се од ДУИ, кои од друга партија. Исклучиво се залагам за вработувања на стручни кадри, никако партиски, нам проблем ни е недостиг на сестри, вели Алиу.

Тој додава дека не се набркани Македонки, туку три медицински сестри Албанки. Според него недозволиво е во ова време да се игра на карта на национализам, но не негира дека десетте вработени се Албанки. Тој нагласи дека најголем дел од раководителите се Македонци.

-Пратеникот наместо да дојде да поразговара да праша што е потребно шири деизнформации и и прави етнички тензии, вели Алиу.

Тој ги повика медиумите, инспекциите да го истражат случајот и кажа дека и сега аплицирале за вработување, бидејќи имаат недостиг на кадар за нови 16 вработувања. а


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.