Сè уште ја немам поднесено кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз. Веројатно тоа ќе го сторам во среда, некаде околу 10:30 часот. Официјално ќе се кандидирам и тоа веќе и го потврдив.
Ова вчера во Дневникот на ТВ Сител го најави ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка во Собранието, Славјанка Петровска, посочувајќи дека со кандидатурата за лидер на СДСМ ќе претстави и програма, за тоа, како што рече, која е нејзината визија за иднината на партијата.
На новинарското прашање што итно му треба на СДСМ, Петровска рече дека важно е да се врати дискусијата внатре во партијата, зашто, како што рече, не останале имуни на развојот на социјалните мрежи, па дискусијата се префрлила на комуникација по групи на социјални платформи, што, според неа, не може да ја замени суштината на партиското дејствување.
За внатрепартиските состојби и случувања, како и за повикот на противкандидатот за лидерската функција во СДСМ, Јован Деспотовски, оние што ќе изгубат да не заземаат други функции во партијата, Петровска смета дека разговорите прво треба да се одвиваат внатре во партијата, но посочи и дека веќе имала забелешки за партиските другари кои имаат позиции во партијата кои биле погласни надвор, отколку во рамките на партијата.
За тоа ако не стане претседател на СДСМ, дали има можност да ја прифати функцијата заменик-претседател на некој од кандидатите, според неа, нема проблем да изјави дека ако не стане претседател на СДСМ, нема да бара и нема да прифати некоја од другите позиции.
За прифаќањето на понудата на Деспотовски, како и за нејзиниот предлог дека треба да се воведат и други услови – на пример, да се забрани кандидирање по третпат (ако се пријави, на Деспотовски ова ќе му биде втора кандидатура за лидер на СДСМ) и да се предвиди оставка од лидерот ако се соочи со кривична постапка, Петровска вели дека СДСМ од пред извесно време е веќе опозиција и дека теоретски секој што бил на функција потенцијално можеби направил нешто што претставува кривично дело.
Со вистинска прагматична агенда, според Петровска, СДСМ може да се врати многу брзо, особоно, како што рече ако го има вистинскиот концепт кој се темели на соцојалдемократијата и кога се обединуваат вистинските социјалдемократи.
Внатрепартиските вонредни избори за претседател на СДСМ доаѓаат откако Димитар Ковачевски, по парламентарните избори на 8 мај официјално го потврди своето повлекување од претседателската функција во партијата. Досега кандидатури за лидер на СДСМ најавија дека ќе поднесат досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.