Министерката за одбрана Славјанка Петровска имаше работен состанок со амбасадорите и одбранбените аташеи на земјите членки на НАТО и државите поканети за членство во Алијансата – Шведска и Финска, со фокус на клучните одлуки од Самитот на НАТО во Мадрид.
Kако што соопшти Министерството за одбрана, Петровска нагласила дека донесувањето на новиот Стратешки концепт, засилувањето на заедничката одбрана и одвраќањето, како и силната политичка и практична поддршка за Украина ќе овозможат прилагодување на новата безбедносна реалност на континентот со цел НАТО да продолжи да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации.
Заложбата на сите е дека треба одлучно да се брани и одбрани меѓународниот поредок заснован на правила, демократија, индивидуални слободи и човекови права. И покрај разликите, сојузниците отсекогаш можеле да се обединат околу основната цел: да се бранат едни со други и да ги чуваат луѓето безбедни – вели Петровска.
Таа потенцира дека руската воена операција во Украина го нарушила мирот во Европа, но ги сплотила сојузниците, додавајќи дека во ера на променета безбедносна архитектура на европскиот континент историските одлуки на Шведска и Финска за влез во НАТО, само ќе ја зајакнат Алијансата и евроатланската безбедност.
Од страна на сојузниците било нагласено дека за секоја одлука ќе имаат кохерентен и комплементарен пристап со цел взаемно зајакнување на меѓународниот мир и безбедност. Земјите членки ќе бидат фокусирани на стабилноста на евроатланската област преку воената мобилност, отпорноста, влијанието на климата, Агендата за жени, мир и безбедност, како и борбата против сајбер и хибридните закани и преку решавање на системските предизвици со кои се соочува Алијансата. Според присутните, НАТО треба да остане кредибилна организација, која ќе биде подготвена во секое време да ги штити интересите и вредностите на нејзините членки.
Во ера на стратешки натпревар, додека авторитарните режими ги оспоруваат основните принципи за нашата безбедност, Алијансата мора да соработува уште поблиску со истомислениците, заедно со 32 нации на масата ние ќе бидеме уште посилни, а нашите народи уште побезбедни – заклучила Петровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.