Новата безбедносна реалност на европскиот континент повикува на сплотеност и соработка, а нашата безбедност лежи во колективната безбедност на нашите сојузници во НАТО, бидејќи ние сме НАТО, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска, која е во официјална посета на Софија.
Петровска, како што информира Министерството за одбрана, порача дека заедничката научена лекција во изминатите три месеци е дека само кога сите сојузници во НАТО зборуваат во еден глас, кога стоиме заедно и работиме заедно, само така можеме да ја гарантираме нашата безбедност.
Министерката ја поздрави одлуката на Бугарија да биде домаќин на мултинационалната борбена група на НАТО.
Имајќи ја предвид безбедносната ситуација во Европа, Петровска порача дека она што во моментов е неопходно е целосна интеграција и заедништво.
Членството на Македонија во НАТО значеше зацврстена безбедност и стабилност не само за нашата држава, туку и за нашите соседи, вклучувајќи ја и Бугарија која на дел од својата западна граница има земја – сојузник, истакна министерката Петровска.
Таа порача дека на претстојниот министерски состанок на НАТО, како и на лидерскиот самит во Мадрид ќе се разговара за неколку важни документи за Алијансата – агендата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата. Информираше дека Владата останува посветена на правичното распределување на трошоците во рамките на Алијансата и стабилниот раст на буџетот за одбрана кој до 2024 година треба да го достигне нивото на 2 проценти од бруто-домашниот производ.
Министерката Петровска денеска во Софија ќе се сретне со својот бугарски колега, министерот Драгомир Заков, а во Собранието на Бугарија ќе има средба и со раководството на парламентарната комисија за одбрана.
Таа ќе се сретне и со двајца офицери од македонската армија кои во моментов се на високо воено школување на Воена академија „Генерал Ѓорѓи С. Раковски“ во Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.